Политичката криза - главна тема во весниците

Објавувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека преговорите за излез од политичката криза се неуспешни е главна тема во дневниот печат.

„Преговорите се неуспешни“, објави Утрински, цитирајќи го лидерот на СДСМ, Зоран Заев, дека „Груевски во континуитет го минира договорот од 2 јуни и во преговорите одбил да прифати гаранции за враќање на демократските институции.“ Вечер со свое видување на случувањата: „СДСМ го минира договорот од 2 јуни - ги прекинува преговорите и продолжува со објавување на бомбите!“

Не одиме на избори, продолжуваме со бомбите!
Дневник.

За Вечер, инаку, прва вест на насловната се резултатите од анкетата на ИРИ дека „ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се со двојна предност од СДСМ и Заев!“ Исто како и за Дневник: прво резултатите од анкетата на Американскиот републикански институт, а потоа слободно протолкуваната изјава на Заев: „Не одиме на избори, продолжуваме со бомбите!“

Утрински забележува: „Изборите неизвесни, кампањата во полн ек - само изминатиот викенд премиерот Груевски беше да провери до каде е изградбата на патот Демир Капија - Смоквица, посети фабрика во Миравци, ги пушти во употреба ветерниците во Богданци, најави нови вложувања во Дојран...“

Направете компромис, не губете време!
Утрински весник.

Сите весници ја објавуваат пораката на еврокомесарот Хан: „Направете компромис, не губете време!“, како што гласи насловот во Утрински, или: „Има предлози на маса, направете компромис“, како што насловува Вечер.

Слободен печат со прашање кое како да е реторичко: „Ќе ʼзапали‘ ли пак националистичката реторика на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ кај гласачите“. Продолжува и кампањата за оцрнување на лидерот на СДСМ.

Вечер пишува за барањето на Антикорупциска да се поведе истрага заради сознание дека примил поткуп, но не за веќе познатите, туку за нов случај. Меркел посетува неколку балкански држави, ама не и Македонија. Нова Македонија со утешителен наслов: „Меркел и оддалеку ја држи Македонија на око“, за во поднасловот сепак да потсети дека „Во повеќе од 20 години независност, ниеден германски канцелар ја нема посетено земјава, освен двајца шефови на дипломатии“.

Сите медиуми ги следеа референдумот во Грција и неговите резултати. Дневник даде место на насловната дека „Словенците се мајтапат со ʼБивша Европска Република Грција - ФЕРОГ‘ во списанието Финанце“.

И на крај, нели велиме: Македонија и сè е можно: „Експерти предупредуваат дека ќе се урне мостот ʼОко‘?“, информира Слободен печат, објавувајќи неколку фотографии на кои се гледаат пукнатини на барокните столбови на новиот мост преку Вардар.