Хан - направете компромис и не губете време

Јас сум загрижен, го губите времето. Интересите на државата се над личните. Во демократија мора да имате компромис. Ова се пораките на Евро комесарот Јоханес Хан во ексклузивно интервју за дописникот на Радио Слободна Европа Рикард Јозвиак во Брисел.

Измина повеќе од еден месец од договорот од 2 Јуни. Гледате ли од тогаш прогрес во Македонија ?

Па морам да кажам дека по неуспехот во Брисел ги замолив да се вратат назад и да ги продолжат преговорите. Колку што знам има многу предлози на маса и многу мерки за доверба но јас ургирам да се договорат и да направат компромис. Во демократијата мора да имате компромис. И тоа значи дека двете страни се приближиле една кон друга. Многу е важно и двете страни да ја имаат предвид и тешката политичка и економска ситуација во земјата ,како и тоа дека евро - атлантската перспектива треба да ја одржат жива.

Дали клучната точка е кога Груевски ќе ја напушти премиерската функција? Дали мислите дека тој тоа треба да го направи?

Го имаме договорот од 2 Јуни, кој содржи многу точки и едно од тековните прашања беше идната организација на владата до изборите. Јас разбирам дека разговорите се во тек и на двете страни е да дојдат до решение. Тоа зависи од нив. Она што е договорено и до што треба да се држат е да има избори до крај на април. Ние како ЕУ институција, како Eвропска Kомисија, во меѓувреме работевме на извештај и издадовме извештај за што генерално треба да се направи за да се подготват фер и транспарентни избори. Почнавме да работиме врз тоа и другите партии треба да работат на тоа, да го усвојат, а за тоа како индивидуално ќе решаваат зависи од нив. Но важно е да има договор.

Кое е вашето мислење за демократскиот капацитет на Груевски? Дали тој треба да остане на власт и покрај сите инкриминирачки материјали од прислушуваните телефонски разговори?

Моето разбирање е дека треба да и помогнеме на оваа земја да развие оддржлива демократска култура и затоа е многу важно да се подготват фер и транспарентни избори и тогаш е на луѓето да решат за нивните лидери за тоа кој ќе ја води оваа земја. Кој треба да владее со неа и затоа верувам дека во рацете на луѓето е да решат за нивното лидерството.

Дали сте загрижени за ситуацијата?

Да загрижен сум, бидејќи губат време и според договорот од 2 јуни сите партии, и албанските партии,се согласија и на 19 јуни дека земјата е им е важна а не личните интереси и треба да ја преземат одговорноста за земјата. Економата ситуација се влошува. Очекуваниот економски растеж од 4 проценти сега е најмалку нула, ако не е и под нулата. Невработеноста е речиси 30 насто. Сите инвестициски одлуки на странските компании се на чекање. Мислам дека над 30 одлуки се ставени на чекање. Па тука е миграциското прашање кое кажува дека земјата многу треба да направи.

Дали е предвиден некаков состанок на политичко ниво, во Скопје или во Брисел пред летните одмори?

Во секој случај, на 20-ти јули ќе има состанок на Советот за асоцијација во Брисел, на кој ќе учествуваат високиот претставник и јас, од една страна и Владата од друга и се надевам и барам од сите страни да постигнат договор до тогаш. Ќе се расправа за извештајот за напредокот на земјата, кој ќе биде објавен наесен. Тоа е важно за европската перспектива, но не треба да се заборави и атланската перспектива на земјата во овие тешки времиња и сите треба да бидат свесни за тоа.

До какви последици можат да доведат внатрешните проблеми во Македонија во извештајот за напредокот, кој ќе биде објавен наесен?

Можам само да ви кажам дека на последниот состанок на Советот за надворешни работи беше разговарано за ситуацијата во Поранешната Југословенска Република Македонија и сите министри за надворешни работи изразија длабока загриженост. По тие дискусии и ставови јас не можам да замислам дека ќе има позитивни ставови доколку нешто не биде сторено.

Дали страхувате дека случувањата во Грција можат да ја влошат ситуацијата во регионот на Западен Балкан?

Првите сигнали покажуваат дека во скоро време веројатно нема да има ефекти во однос на финансиски и економски последици, но секако вкупната политичка ситуација останува или ќе стане уште пофрагилна. Од сегашна гледна точка, важно е да се консолидира домашната политичка ситуација во Поранешната Југословенска Република Македонија.

Дали Грција, со оглед на актуелните проблеми, сеуште има капацитет да преговара со Македонија за спорот со името?

Можам да кажам дека ја ценам активноста на грчкиот министер за надворешни работи Коцијас, кој неколку пати се состана со неговиот колега Попоски. Една средба иницирав јас, на неформалниот министерски состанок во Рига. Постојат и некои предлози од Грција за градење мерки за доверба. По ова прашање гледам одредени активности и некои ветувачки потези, но секако, би било од голема помош доколку и во двете земји политичката ситуација биде стабилна и порелаксирана.