Задолжувањето расте, економијата стагнира

Споредбено со крајот на 2014 година бруто надворешниот долг е зголемен за 230,8 милиони евра, од кои дури 178 милиони евра отпаѓаат на надворешно задолжување на државата.

Македонија сè повеќе се задолжува, а домашната економија не бележи развој велат експертите, коментирајќи ги податоците на Народната банка дека бруто надворешниот долг на земјата по првиот квартал од годинава изнесува 6,1 милијарда евра. Половина од овој долг отпаѓа на приватниот сектор, а половина е долг на државата. Споредбено со крајот на 2014 година бруто надворешниот долг е зголемен за 230,8 милиони евра, од кои дури 178 милиони евра отпаѓаат на надворешно задолжување на државата.

Ако се смета за развој Скопје 2014 или фиктивните вработувања се поставува прашањето дали задолжувањето за такви цели ќе придонесе за развој на земјата.
Сеадин Џафери, универзитетски професор.

Универзитетскиот професор Сеадин Џафери вели дека се поставува прашањето каков економски развој ни донело задолжувањето на земјата.

Илустрација.

„Ако се смета за развој Скопје 2014 или фиктивните вработувања се поставува прашањето дали задолжувањето за такви цели ќе придонесе за развој на земјата. Сето тоа укажува на тоа дека ние освен во политичка, навлегуваме и во финансиска криза, која на некој начин ќе биде катализатор за продлабочување на кризата во земјата“, вели Џафери.

Универзитетскиот професор Зоран Ивановски вели дека Македонија се приближува до прагот до кој може да оди со задолжувањата. Според него, политичката криза има влијание и врз економијата, но и во такви услови не треба да застане економскиот раст и инвестирањето, бидејќи долгорочно тоа би имало последици врз домашната економија.

Правецот на инвестициите мора да биде во проекти кои ќе генерираат долгорочен стопански раст, а тоа се инфраструктурни проекти кои директно или индиректно го помагаат економскиот раст на државата.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

„Се разбира, правецот на инвестициите мора да биде во проекти кои ќе генерираат долгорочен стопански раст, а тоа се инфраструктурни проекти кои директно или индиректно го помагаат економскиот раст на државата“, вели Ивановски.

Според Џафери, задолжувањата треба да се искористат за продуктивни проекти кои ќе резултираат со нови работни места. Власта, како што вели Џафери, ги користи непродуктивните проекти за сопствена афирмација, поради која трпи економијата.

„Тоа веќе се политики, но не во смисла на економскиот развој, туку политики за одржување на власта и ништо повеќе“, додава Џафери.

Според податоците на Министерството за финансии, во првиот квартал од оваа година јавниот долг изнесувал 3,9 милијарди евра што е 43,6 отсто од бруто домашниот производ.