Синдикатите од јавниот сектор, приврзаници на владејачката партија Сириза и други левичарски организации кои не сакаат грчкиот премиер Алексис Ципрас да се откаже од неговите изборни ветувања ги затворија улиците околу грчкиот парламент.
Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „Да ги запреме кредиторите“, „Земјата не е на продажба“, „Човечки отпор против финансискиот тероризам“ и „Не за еврото“.
„Ова е тешка ситуација, но се надеваме на најдобро. Јас сум реален. Знам дека играта не е лесна. Другите се многу силни, ние сме слаби. Но го правиме ова за иднината, не за сегашноста“,
вели 66 годишниот Јанис Каралогос кој учествуваше на протестите. Со него се согласува и невработената Василики Танаси која вели:
„Тие не треба да направат ниту една отстапка. Ги избравме и бараме да го исполнат ветеното. Не сакаме да се повлечат. Затоа ние ќе бидеме тука и денеска и утре и задутре“.
Демонстрантите беа посетени и од високи претставници на владејачката партија Сириза, меѓу кои претседателот на парламентот Зое Константинопулу и министерот за енергетика Панајотис Лафазанис.
Тие не треба да направат ниту една отстапка. Ги избравме и бараме да го исполнат ветеното. Не сакаме да се повлечат. Затоа ние ќе бидеме тука и денеска и утре и задутре.Василики Танаси, невработена
„Граѓаните на 25 јануари избраа да се смени политиката. Оние што сакаат да им кажат дека изборите не се важни и прават лоша услуга и на Европа и на демократијата“, вели Константинопулу.
Премиерот Ципрас победи на изборите со ветување дека ќе им стави крај на острите мерки за штедење и упорно одбиваше да ги прифати барањата на меѓународните кредитори за кратење на пензиите.
Ципрас пред неговото заминување за Брисел на клучни средби за иднината на Грција во еврозоната одржа состанок со целата влада.
По над осумчасовно заседавање министерот за финансии Јанис Варуфакис изјави дека бил уверен оти владата ќе постигне договор со кредиторите. Деновиве беше забележано големо одлевање на парите од грчките банки.
Грција преговара со кредиторите за исплата на ветената транша од помошта од над 7 милијарди евра, но до 30 јуни треба на ММФ да му исплати милијарда ипол евра, а од понеделник почнува исплатата на пензиите и другите редовни давачки, што ги доведе грчките банки на работ на ликвидност.
Грција и кредиторите се спорат околу условите за исплата на траншата со која треба да заврши пакетот на кредитната помош, договорен уште во 2010 година.
Собири на солидарност со Грција беа одржани и во Белгија, Холандија, Германија, Италија и Франција.