Со непроменети ставови на нова лидерска средба

На средбата, евроамбасадорот Аиво Орав треба да го презентира извештајот подготвен од експертската група ангажирана од Европската комисија кој се однесува на анализи на европските експерти за УБК, судството, Омбудсманот, изборите и медиумите во Македонија.

На лидерската средба во Скопје што се одржува заедно со амбасадорите на САД, Џес Бејли и на ЕУ, Аиво Орав, Заев и Груевски доаѓаат со непроменети позиции. СДСМ смета дека не е можно премиерот Никола Груевски да остане на функцијата и да спроведува избори, а Груевски останува на ставот дека нема да замине од функцијата.

Јас се надевам дека во многу брзо време ќе се состави таа организација на влада којашто ќе ги подготви и ќе ги спроведе изборите. Овој извештај имплицира оставка на Груевски веднаш. Овој извештај имплицира еден силен аларм каде што мора да седнеме сите заедно и да се зафатиме со тоа што се дава како препораки таму да го имплементираме веднаш.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

На средбата, евроамбасадорот Орав треба да го презентира извештајот подготвен од експертската група ангажирана од Европската комисија кој се однесува на анализи на европските експерти за УБК, судството, Омбудсманот, изборите и медиумите во Македонија. Според информациите што ги објавија дел од медиумите во главните заклучоци од извештајот се вели дека снимките со прислушуваните материјали се со квалитет што генерално може да се смета дека се правени во Службата за разузнавање, а дека корупцијата во земјата заслужува посебен извештај, со оглед дека политичката корупција е присутна на многу нивоа.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, најавувајќи ја средбата, во интервју за 24Вести претходно изјави дека извештајот ќе помогне за промена на власта. Заев изјави дека се преговара за концентрациона влада, односно влада во која ќе бидат сите партии, додавајќи дека на средбата ќе биде соопштен крајниот рок што СДСМ го дава за да се постигне договор за решавање на политичката криза.

Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско. Ни договор сака да постигне, ни избори да има.
Никола Груевски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас се надевам дека во многу брзо време ќе се состави таа организација на влада којашто ќе ги подготви и ќе ги спроведе изборите. Овој извештај имплицира оставка на Груевски веднаш. Овој извештај имплицира еден силен аларм каде што мора да седнеме сите заедно и да се зафатиме со тоа што се дава како препораки таму да го имплементираме веднаш“, рече Заев.

Премиерот Груевски досега изјавуваше дека останува на ставот дека тој нема да си замине од функцијата.

„Човекот се плаши од избори. Тој знае дека на наредните избори ќе доживее тешко фијаско. Ни договор сака да постигне, ни избори да има“, рече неодамна Груевски.

На ова претходеше средба во Брисел која се одвиваше со посредништво на еврокомесарот Хан, на која, како што дознаваме, бил постигнат договор опозицијата да добие место во Владата, Бесими да спроведува реформи во правосудството, но запнале кај оставката на Груевски.

Дел од тие информации кои Груевски ги нарече шпекулации беа дека на маса бил предлог за техничка влада и повлекување на премиерот Никола Груевски од премиерската позиција три месеци пред април 2016 година, времето на договорените идни парламентарни избори.

Инаку, експертскиот извештај евро комесарот Хан вчера му го предаде на вицепремиерот Фатмир Бесими. Актуелните случувања во земјата и политичката криза беа тема на разговорите на Бесими и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, која на вицепремиерот Бесими исто така му порачаа дека македонските политички лидери треба да го почитуваат договорот од 2 јуни за надминување на политичката криза во Македонија.