Владеењето на тесната група на ДУИ по многу нешта наликува на владеењето на тесната група на Груевски, рече денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој презентираше прислушувани телефонски разговори од кои вели дека ќе се дознаел вистинскиот лик на ДУИ.
„Причините за нивната трпеливост во Владата и кога беа потценувани, упатуваат дека примарната цел не им биле граѓаните, нивното гласачко тело, туку моќ почитувани граѓани, власт за лични интереси, за пари“, рече Заев.
Според него од разговорите се дознавало дека уривањето на дивогрдбите во Македонија, како што рече, не се одвивало според закон, туку според партиски наредби. Во еден од телефонските разговори кои, како што најави Заев, бил меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, се слушало како премиерот бара од својот владин партнер дозвола за рушење дивоградба во Чаир.
„Прв машки глас: Ја те барав за една работа. Имаме мака..ааа...нели кога се правеше законот за легализација на дивоградби а и кога ја праевме и Владата, ти ми рече ако некој во иднина прави диво градби, терај, не му дозволувај, рушиш. Така?
Втор машки глас: Така е
Прв машки глас: И така заклучивме и на Влада.
Втор машки глас: Испадна на тоа..
Прв машки глас: Е сега, утре треба некои две згради, ама неизградени згради, еден, два ката само изградени да се срушат во Чаир.
Втор машки глас: аха
Прв машки глас: Тие дигнаа тешка узбуна.
Втор машки глас: аха
Прв машки глас: Не знам шо да праам. Треба помош од тебе.”
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претседателот на СДСМ тврди и дека целата операција за уривање можела да се стопира со сто илјади евра, а цитираше и како што рече документ од УБК од разговор меѓу Ахмети и претседателот на чаирскиот огранок на ДУИ Бекир Асани.
Причините за нивната трпеливост во Владата и кога беа потценувани, упатуваат дека примарната цел не им биле граѓаните, нивното гласачко тело, туку моќ почитувани граѓани, власт за лични интереси, за пари.Зоран Заев, СДСМ.
„Асани најдиректно му соопштува на Ахмети, цитирам: „Доколку ти рече тој нешто, ако крева прашина, ти речи му го тоа, ваква е работата, слободно кажи му, твојот зеде 100.000 евра за работа во Чаир, зашто тој Сашо Мијалков што беше директор, тој зеде 100.000 евра.“ „Тој“ на кој Ахмети треба да му го соопшти ова, според разговорот во првиот дел, е Груевски, со кого Ахмети имал закажано средба“, рече Заев.
Од презентираната снимка на која, како што рече, се слушале гласовите на вицепремиерите за евроинтеграции и за спроведување на рамковниот договор Фатмир Бесими и Муса Џафери, се дознавало и дека ДУИ, како што рече, слично како и ВМРО-ДПМНЕ играле на националистичка карта. Имено во пуштената снимка се слушало дека Бесими во САД тајно се сретнал со поранешниот српски претседател Борис Тадиќ.
„Прв машки глас: Аха. Неџати го сретнав. Ме извади од памет за некои разговори.
Втор машки глас: Кој?
Прв машки глас: Што сте направиле таму. Неџати Јакупи.
Втор машки глас: Што?
Прв машки глас: Па ми кажа што сте правеле во Америка.
Втор машки глас: Аха.
Прв машки глас: Со Тадиќ.
Втор машки глас: Не му верувај нему.
Прв машки глас: Си се сретнал со Тадиќ , таму.
Втор машки глас: Да.
Прв машки глас: Да?
Втор машки глас: Да, да.
Прв машки глас: Ок. Ајде.“
Од други телефонски разговори претседателот на СДСМ вели дека се дознавало, како што рече, дека ДУИ функционирале слично како и ВМРО ДПМНЕ и дека се откривало на какви закани и инспекции бил подложен портпаролот Бујар Османи, затоа што кај него виделе амбиции за кандидат за градоначалник во Чаир. Заев тврди и дека од снимките се дознавало и за сомнителна улога на функционерите на ДУИ во слободната економска зона во Тетово а и дека се пазареле и за владини ресори кои носеле пари.
„Ги повикувам чесните функционери на ДУИ и нивните поддржувачи, да ја напуштат Владата на Никола Груевски којашто направи егзистенцијален и демократски потоп во Македонија, сите заедно да ја формираме владата којашто ќе ги подготви и организира изборите и заедно низ слободни и демократски избори да ги спасиме и граѓаните и државата“, рече Заев кој повтори дека уште десетина дена ќе му дале шанса на процесот на разговори со лидерите на четирите политички партии.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ДУИ ги демантира обвинувањата од СДСМ
Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро ги демантира сите обвинувања искажани на денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, се наведува во партиското соопштени.
Од ДУИ остануваат на ставот да се објават сите прислушувани разговори за оваа партија, без притоа, како што велат „да се извртат со цел свесно погрешно интерпретирање и манипулирање со јавноста, истите да се процесираат низ институциите според желбите на опозицијата“.
„Доколку низ постапка се докаже вина, ДУИ нема да заштити никого, но исто така доколку се докаже дека обвинувањата се засновани на тенденциозни вадење од контекст на приватни разговори помеѓу функционери, истото да се објави“, се вели во соопштението од партијата