Старите занаети во Куманово одамна се минато. Некогашните занаетчии или се немоќни или починале, а новото време и современата технологија се повеќе ги оддалечуваат младите од тешката и напорна занаетчиска дејност. Меѓутоа, креативните пориви кај некои кумановци излегле на површина, откако не нашле работно место за кое се школувале.
Бидејќи имав еден одамна изваден труп, го гледав две години и се мислев што да направам со него. Помислив да си направам клупа. Видов што имам од материјалот за да не купувам, бидејќи е скап. Извадив скици од интернет, но не најдов ништо од она што јас замислував. Се зафатив со работа и си направив едно прекрасно масиче.Горан Стојмановски од Куманово.
Горан Стојмановски, кој има 39 години, е еден меѓу ретките кој иако машински техничар, не потекнува од занаетчиско семејство, нема машини за производство, го инспирирало дрвото и пред две години започнал да го обработува. Неговите изработки се исклучиво рачни и уникатни. За своите почетоци во занаетчиската авантура Горан раскажува:
„Таа идеја дојде сама од себе. Не сум вработен, почнав со метал, не ми одеше, потоа со мотори, склопување, соодветно на машинскиот дел и тоа не ми тргна. Бидејќи имав еден одамна изваден труп, го гледав две години и се мислев што да направам со него. Помислив да си направам клупа. Видов што имам од материјалот за да не купувам, бидејќи е скап. Извадив скици од интернет, но не најдов ништо од она што јас замислував. Се зафатив со работа и си направив едно прекрасно масиче.“
Излезе една оригинална ламба, не може на пазарот да се најде, бидејќи се е рачна изработка.Горан Стојмановски од Куманово.
Со дрвената маса во неговиот двор не се вклопувале пластични столчиња, така што Горан се зафатил да направи дрвени. И овој пат да го искористи материјалот што му се нашол дома.
„Тоа беа палети од стакло, бидејќи порано работев во една стакларска фирма, имав дрва. Тешко беше бидејќи немав машини и проблем беше склопувањето, монтажа и начинот како тоа рачно да го направам, без машина. На крајот купив убодна пила.“
РСЕ: И се уште немате машини?
„Немам се уште. Кај мене малку е потешко, не сум дизајнер, не сум учел школо и не можам да отидам во фабрика со скица и таму машински да се направи. Кај мене процесот е обратен. Го земам парчето од дрво и размислувам што од него може да се направи.“
Фасцинирани од она што го виделе оние кои дошле кај Горан, посакале и на нив нешто да им направи. Така, направил ѕиден мини бар за во дворот, наменет за основните потреби. А потоа од импровизираната работилница и од вредните раце на овој млад човек излегле клупи, маси, лампи. Од дрвото во дворот паднато од невреме, Горан си направил ламба.
„Излезе една оригинална ламба, не може на пазарот да се најде, бидејќи се е рачна изработка.“
Горан вели дека кога ќе види парче дрво, го гледа, му „зема мерка“ и размислува што од него може да излезе, а дрвото да не заврши во огин. Зашто дрвото има душа, затоа и треба подолго време да се набљудува за да се „прочита“ нејзината порака. Не користи никаква литература, ниту пак „краде“ идеи од интернет.
Бидејќи немал никакви предзнаења Горан до финалниот производ морал многу да експериментира, оти не само што предметите се уникатни, тие треба да бидат и трајни. Тој се соживува со обработката, вели дека додека работи не знае за замореност или за тоа колку часа поминале. Задоволство му е кога ќе види дека го оживеал фрленото парче дрво. Сепак, во државава во овој момент тешко може да се егзистира од креативноста, уникатноста.
„Во други држави уникатни и рачно изработени работи многу се ценети. Кај нас, за сега тоа е неизводливо. Можеби во иднина, кој знае!“
Горан би сакал да може да егзистира од овој занает, оти одамна ја загубил вербата дека некаде ќе се вработи.