Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека им дава шанса на разговорите на партиските лидери уште десетина дена. Според него, нема логика сите да се мачат со бесцелни разговори подолго време кои не водат никаде. „Ако има договор до крајот на месецов во ред, ако не, нема потреба повеќе да се мачиме“, рече Заев во интервју за телевизијата Алсат М, додавајќи дека е можно лидерската средба да продолжи во текот на неделава. Тој исто така најави дека денеска ќе го продолжи објавувањето на таканаречените „бомби“. „Во Брисел, лидерот на ДУИ Али Ахмети рече дека ако не се договориме, јас ќе излезам од владата, а со тоа Груевски ќе биде принуден да оди на предвремени избори. Еве, се вративме, нема одлука да излезат и ќе им посветам време за да ги натерам да излезат од владата“, изјави Заев. Претходно од СДСМ информираа дека денешната бомба ќе се однесува на начинот на соработката на владејачката коалиција меѓу ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, особено на работењето на функционерите на партијата на Али Ахмети.