Светските новински агенции ја цитираат пораката на еврокомесарот Јоханес Хан дека е многу разочаран од ставот на некои партии во решавањето на длабоката криза во Македонија по маратонските политички разговори во Брисел кои завршија без договор. Агенцијата Франс прес потсетува дека на претходната лидерска средба во Скопје било договорено до крајот на април идната година да бидат одржани предвремени избори и оти разговорите во Брисел имале за цел договарање на деталите за изборите, како и неопходните реформи. Новинската агенција Ројтерс јавува дека на разговорите во Брисел на кој учествувал и американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли не бил постигнат договор, но оти Европската унија соопштила дека останува подготвена да посредува во понатамошни разговори.