„Помалку пари даваме за храна, повеќе за комуналии“, нѐ информира Нова Македонија, дополнувајќи дека домаќинствата во Македонија најмногу финансии одвојуваат за храна, пијалаци и енергија. Па консултирала експерти кои укажуваат дека во развиените земји било поинаку: таму домаќинствата одвојувале голем дел од финансиите и за спорт, рекреација и уметност. Ама што ќе ни се спорт и уметност кога ние си ја имаме политиката. Особено во изминатите денови кога мораше да дојде еврокомесарот Хан за да спасува што може да се спаси. Инаку, за нас веќе позната работа.
СДСМ ќе го урива договорот со Хан - нема да одиме на избори без преодна влада, а на Заев му било укажано дека не треба да оди со ултимативни и неразумни барања затоа што изборен процес со оценка дека е квалитетен веќе бил спроведен и победник веќе има.Дневник.
И значи, „Предвремени избори до крајот на април наредната година“ насловува Нова Македонија, наслов што горе-долу е ист во сите печатени медиуми. Со извесни нијанси, се разбира. Насловот во Вечер, на пример, гласи: „Предлозите на Хан ги елиминираат соросоидите!“ појаснувајќи дека, цитирам, „Токму платениците на Сорос се тие кои се залагаат и ја практикуваат уличната демократија“. Еве уште еден наслов во Вечер: „ЕУ го потопи бродот на СДСМ... во потпишаниот договор не е ниту споменато формирање на преодна или техничка влада“.
Дневник во наслов го стави она што се шушка во јавноста, имено, дека „СДСМ ќе го урива договорот со Хан - нема да одиме на избори без преодна влада“, а дека на Заев „му било укажано дека не треба да оди со ултимативни и неразумни барања затоа што изборен процес со оценка дека е квалитетен веќе бил спроведен и победник веќе има“, како што пишува. Слободен печат одговара со свој наслов: „Мегафоните на Груевски „пастирски“ го толкуваат договорот од Пржино - само преодна влада може да биде влада во преоден период“.
Мегафоните на Груевски „пастирски“ го толкуваат договорот од Пржино - само преодна влада може да биде влада во преоден период.Слободен печат.
Дневник информира дека камповите пред Владата и Собранието остануваат, и дека во средата вечер се одржал протестен марш на „Граѓаните за Македонија“. Утрински плус објаснува дека граѓаните и опозициските партии барале оставка на Владата и враќање на демократијата.
Како за крај, не е лошо да се информираме и за случувањата барем околу нас: „Крупните риби на слобода - се лови судир на интереси“ - гласи насловот на статијата во Утрински во која се забележува дека за разлика од кај нас, во земјите во регионот лесно паѓаат министерски глави за далеку помали гревови од оние за злоупотреба на службени кредитни картички. „Кај нас, крупните риби сѐ уште се на слобода и продолжуваат на незаконски начин да трупаат капитал“, забележува Утрински.