Дебар нема проблеми со соживотот

Во Дебар се живее сложно и настаните во Куманово немаат влијание. Но таквите настани се за осуда и наместо на тоа, треба да се мисли на економијата, работните места, велат жители на Дебар.

Настаните што се случија во Куманово немаат влијание врз меѓуетничките и меѓуверските односи во Дебар. Ова е општа оценка на населението, кое со векови, во најголем дел, живее во толеранција и добар соживот.

Во Дебар од одамна се живее сложно, сите се почитуваат меѓусебе, а има и мешани бракови. Но, затоа сметам дека треба сите да се свртиме кон зајакнување на економијата. Сите млади се без работа и си заминуваат од земјава.
Арфија Јонузи, жител на Дебар.

Населението во овој град го осудува насилството и бара решавање на политичката криза со дијалог и разбирање.

„Ова што се случи во Куманово, во Дебар нема да има влијание, бидејќи овде во Дебар од одамна се живее сложно, сите се почитуваат меѓусебе, а има и мешани бракови. Но, затоа сметам дека треба сите да се свртиме кон зајакнување на економијата. Сите млади се без работа и си заминуваат од земјава. Бегаат бидејќи тука нема работа. Во Дебар не се отворени големи компании каде тие би нашле работа. Дебар станува град на старци“, вели Арфија Јонузи.

Вака размислуваат и другите жители на Дебар и околните дебарски села.

Зорка Вичишка истакнува дека како Македонка секогаш е почитувана од страна на Албанците и цврсто е убедена дека состојбите во Куманово нема да се рефлектираат негативно во овој град.

Животот во Дебар е многу добар. Има заедништво, се почитуваме едни со други без разлика од која националност сме. Јас сум Македонка, а сите комшии ми се Албанци.
Зорка Вичишка, жителка на Дебар.

„Животот во Дебар е многу добар. Има заедништво, се почитуваме едни со други без разлика од која националност сме. Јас сум Македонка, а сите комшии ми се Албанци. Сите ме почитуваат каква што сум. Јас сум дојдена во Дебар и овде сум мажена. Ви велам дека секогаш ни било добро на сите.“

И постарите жители на овој град не веруваат дека севкупната состојба во земјава ќе се рефлектира негативно врз меѓуетничките состојби. Во Дебар се живеело и се живее со почит едни кон други .

„Јас сум стар дебарчанец. Имам околу 80 години и ви велам - Дебар го држи бајракот на „братството и единството“, односно заедништвото. Ние овде живееме како браќа. Ние не правиме разлика дали некој е Македонец или Албанец. Во средината каде живеам има и Македонци, но си живееме добро“, вели Мухамед Хиса, кој е и секретар на здружението на пензионерите во Дебар.

Тој вели дека во Здружението не се праваат разлики меѓу пензионерите.

„Малку има Македонци, но ние секогаш им даваме предност. Ние како Албанци сме мнозинство во Дебар, но сепак ги почитуваме Македонците и другите“, истакнува Хиса.

Сепак тоа што се случуваше во Куманово со големо внимание се следи и во Дебар и притоа се оценува дека таквите настани треба да се осудуваат од сите, бидејќи тие не се во интерес на ниту еден граѓанин на Република Македонија, заклучуваат соговорниците.