Вајгл, Ховит и Кукан: во Стразбур „искрена“ дискусија

По десетчасовните преговори меѓу Никола Груевски и Зоран Заев во Стразбур, тројцата пратеници олеснувачи од Европскиот парламент Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл испратија кратко соопштение во кое се поздравува „искрената дискусија“ која се водела во изминатата ноќ, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.

„Во контекст на разговорите кои се во тек, премиерот Никола Груевски и лидерот на главната опозициска партија Зоран Заев, се сретнаа со Иво Вајгл, Едвард Кукан, Ричард Ховит и комесарот Јоханес Хан во Стразбур на 19-20 мај 2015 година. Пратениците и комесарот Хан ги поздравуваат напорите на лидерите на партии да работат кон договор во интерес на сите граѓани на земјата и да се решат предизвиците кои произлегуваат од кризата во согласност со европските стандарди. Партиите ја потврдија нивната определба за ЕУ интеграција и демократските принципи и се согласија дека на прво место мораат да ги стават интересите на земјата. Пратениците и комесарот Хан ја поздравија искрената дискусија околу клучните теми на несогласувањата. Сите страни се согласија дека е важно да се одржат натамошни состаноци", се наведува восоопштението на тројцата пратеници.