Заев: Партиски силеџии на ВМРО-ДПМНЕ со полициска значка

Илустрација.

Груевски го имал Урко, а Мијалков го имал Утка кој бил локален шериф во Струга за време на изборите, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Со аудио снимки од истрели од огнено оружје, химната на ВМРО-ДПМНЕ и звуци од прослава, претседателот на СДСМ, Зоран Заев ја започна денешната прес-конференција. Тој рече дека објавениот разговор е меѓу поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков со непознат соговорник.

Груевски го имал Урко, а Мијалков го имал Утка кој бил локален шериф во Струга за време на изборите.
Зоран Заев, претседател на СДСМ.

На почетокот Заев рече дека Македонија е претворена во приватен пашалук и ги праша присутните на прес-конференцијата дали се чувствуваат безбедно.

„Ова не е на Дивиот запад, ова е во Република Македонија. Човекот кој зборува не е каубој од филмовите, тоа е братучедот на Никола Груевски, 9 години директор на УБК“, рече Заев.

Тој додаде дека од нелегално снимените телефонски разговори што ги објавува се слуша како е загрозена безбедноста на Македонија и оти сите граѓани на земјава се жртви на неколку, како што рече, непресметливи луѓе во службите за безбедност.

Во првиот сет разговори Заев рече дека се слушаат гласовите на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протоѓер, како зборуваат за припадници на безбедносните служби кои своеволно претепале 20-тина луѓе пред ноќен клуб.

„Груевски го имал Урко, а Мијалков го имал Утка кој бил локален шериф во Струга за време на изборите“, рече денеска Заев.

Тој додаде дека ниту претставниците на ОБСЕ не успеале да ја натераат тогашната министерка Јанкулоска да го тргне.