Заедничките проблеми ги сплотија Македонците и Албанците од Битола

Граѓаните велат дека последните настани нема да го нарушат соживотот меѓу различните етнички заедници во градот под Пелистер. Напротив, проблемите уште повеќе ги зближија.

Македонското и албанското население од Битола заедно тагува за смртта на осумтемина полицајци во Кумановско, ја дели загриженоста за иднината на државата, како и секојдневните проблеми. Граѓаните велат дека последните настани нема да го нарушат соживотот меѓу различните етнички заедници во градот под Пелистер. Напротив, проблемите уште повеќе ги зближија.

Во Битола и околниот регион нема да има некое влијание зашто граѓаните, Македонци и Албанци, ги сфатија работите и нема да паднат на такви работи.
Фергим Демири, новинар и културолог.

„Во Битола и околниот регион нема да има некое влијание зашто граѓаните, Македонци и Албанци, ги сфатија работите и нема да паднат на такви работи. Мислам дека односите по 2001 година се изградени доволно и се добри, комуникациите се исправни. Па, ова што се случи во Куманово ќе биде само еден лош знак за оние кои го предизвикаа“, вели Фергим Демири, новинар и културолог.

„Јас сум Турчинка и во години сум. Соседите ми се Македонци, од сите страни сум опкружена со нив. Заедно кафе пиеме, живееме братски. Сега кога се случи ова во Куманово заедно вестите ги слушавме, заедно ги жалевме овие наши деца што загинаа, ги жалевме семејствата нивни. Само соживот треба без разлика на националноста“, вели Емине Османи.

Битола е космополитски град, но е многу осетлива за етничките прашања. Се сеќавам во 2001 година какви немили настани имаше и мислам дека нема народот да дозволи да се случи тоа повторно. Извлече народот поука.
Виолета Солунчевска од Битола.

„Битола е космополитски град, но е многу осетлива за етничките прашања. Се сеќавам во 2001 година какви немили настани имаше и мислам дека нема народот да дозволи да се случи тоа повторно. Извлече народот поука“, вели Виолета Солунчевска.

Битолчани коментираат дека ги сплотуваат и проблемите кои се заеднички за сите етникуми во градот, а тоа се сиромаштијата и вработувањата по партиски клуч.

„Сиромаштијата е еден од главните проблеми во живеењето на граѓаните Македонци и Албанци во Битола и битолско. Посебно проблем е партизацијата на работните места, односно да мора да бидеш член на партија за да добиеш работно место. Тоа го чувствуваат на свој грб и Албанците и Македонците, а таа Влада таму е сочинета и од Албанци и од Македонци, значи не можеме да амнестираме никого“, вели Демири.

„Сега имаме заеднички проблеми, невработеноста, сиромаштијата. Заедно протестираат студентите, протестираме заедно за почист воздух, како и за смртта на Мартин Нешкоски. Интересите ни се заеднички, сите сакаме да живееме во економски подобра и безбедносно стабилна држава“, додава Солунчевска.