Куманово жали за загинатите, Општината ги помага загрозените

Кумановци палеа свеќи за загинатите полицајци, а општинските власти и Црвениот крст се подготвени за помош на загрозените семејства.

Рафалните и поединечните пукотници и една детонација, како и чадот од запален објект што во утринските часови се слушнаа, на граѓаните им ја вратија загриженоста, која колку-толку беше намалена во текот на мирната ноќ во Куманово. Претпладнето и раните попладневни часови се мирни. Без оглед од која етничка заедница се, сите посакуваат вчерашниот ден да не се повтори. Кумановци полека се раздвижуваат обидувајќи се да се вратат во нормалното секојдневие. На големиот Градски плоштад еден граѓанин донесе свеќи за оддавање почит на загинатите полицајци во вчерашната акција во кумановската Дива населба.

Некои луѓе ни се јавуваа и бараа од нас да одиме во населбата каде што се случуваа вооружени дејствија за да испитаме како е таму и дали е безбедно. Меѓутоа, ние немаме такви ингеренции кои што се на Меѓународен црвен крст, така што не можеме да преземаме такви активности.
Иле Митковски, Црвен крст - Куманово.

Оние граѓани кои вчера беа принудени да ги напуштат своите домови денеска сакаат да се вратат и од надлежните бараат информации за нивната безбедност.

Во Општинската организација на Црвен крст во Куманово претседателот Иле Митковски, вели дека екипите се мобилни, дежурни и подготвени за првично укажување помош. Тој вели дека од вчера попладне до денеска помош побарале само четири семејства, но Црвениот крст може да помогне во ќебиња, душеци и храна и вода на оние кои се сместиле во празни простории.

Во Куманово граѓаните палат свеќи за загинатите полицајци.

​„Некои луѓе ни се јавуваа и бараа од нас да одиме во населбата каде што се случуваа вооружени дејствија за да испитаме како е таму и дали е безбедно. Меѓутоа, ние немаме такви ингеренции кои што се на Меѓународен црвен крст, така што не можеме да преземаме такви активности“, вели Митковски.

Тој очекува координација со општинскиот Кризен штаб, со оглед на тоа што тие немаат мисија самоиницијативно да преземаат некои мерки, како што тоа порано било законски регулирано. Сега се во надлежност на локалната самоуправа и нивното учество е само како поддршка.

„Во оваа состојба не е проблем да се помогне, но проблемот ќе биде враќањето и довербата за безбедноста на луѓето.“

Градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека Куманово се соочува со една драматична состојба.

„Се соочуваме со еден уличен тероризам, поголем дел од градот е под блокади, меѓутоа се чувствува дека ова не е така невина работа. Борбите трајат околу 20 часови, утрината од 6 и 30 часот имаше пукотници час и половина.“

Втор ден од полициската акција во Куманово

Тој додава дека нема информации за каква акција се работи, само се претпоставува дека тоа се од логистиката, заостанатите пребегани, но најзагрижувачко е тоа што сега се соочуваме со хуманитарна катастрофа.

„Голем број семејства кои ги напуштиле своите домови имаат потреба од помош. Тој дел на градот е населен претежно со албански етникум, евакуирани се сите, во наводно побезбедни места. Не знаеме која е бројката, но загрозени се можеби околу пет-шест илјади граѓани. Кризниот штаб треба да донесе одлуки за поддршка за оваа хуманитарна катастрофа, ќе отвориме кол центар да повикаме сите кои имаат потреба од помош да се јавуваат. Училиштата, градинките утре нема да работат, администрацијата и јавните претпријатија работат, комуналните услуги мора да бидат обезбедувани и мора да функционираат.“

Дамјановски рече дека очекува одлука од Советот за безбедност кој ќе каже дали ќе има ограничувања на движења и некои други мерки. Тој вчера неколку пати се обидел да воспостави контакт и соработка со началникот на СВР Куманово, меѓутоа вели дека не наишол на никаков прием, иако на вонредната седница на Советот на Општината сите советници се согласиле дека состојбата е сериозна и дека треба меѓусебна соработка.

„Се работи за најголема општина во државава, се губи безбедноста, а поради партизираноста на институциите, за жал нема никаква соработка“, рече Дамјановски.