Синоќешниот антивладин протест во Скопје заврши откако полицијата ги растера демонстрантите од пред зградата на македонската влада. Полицијата употребила и солзавец и водени топови за разбивање на демонстрантите. Притоа, како што соопшти полицијата, биле повредени дваесетина полицајци и демонстранти, а биле демолирани полициски автомобили и запалени контејнери. Полицијата привела и неколкумина демонстранти. Протестот уследи откако лидерот на СДСМ Зоран Заев објави снимени телефонски разговори и го обвини кабинетот на премиерот Никола Груевски дека го прикривал убиството на 22 годишниот Мартин Нешковски кој бил претепан од припадник на полицијата во јуни 2011 година. Во текот на протестот демонстрантите, извикувајќи „Убијци“ и „Готови сте“, бараа оставки од премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и од целата влада. Тие фрлале јајца и камења кон владината зграда и кон полицајците. Претходно министерката Јанкуловска ги отфрли обвинувањата дека владата го прикривала убиството на Нешковски и го обвини Заев дека ја злоупотребува неговата смрт за политички цели.