Петиција против изградба на медитеранска плажа во Лагадин

Илустрација.

Жители на населбата Лагадин во Охрид почнаа да собираат потписи за петиција против изградбата на медитеранска плажа на тој дел од источното крајбрежје на Охридското Езеро. Потписниците на петицијата сметаат дека изградбата на новата плажа, која според најавите, треба да започне кон средината на овој месец и да трае до август, неповолно ќе се одрази на туризмот, а ќе биде загрозен и езерскиот еко-систем. Тие сметаат дека наместо зачувување на природното богатство и убавината на тој дел од крајбрежјето, со изградбата на плажата би бил загрозен еко-системот на езерото, преку уништување на ендемските видови животни и растенија што ги има на тој дел од езерото.

Според нив, изградбата на плажата кај Лагадин значи поставување урбана опрема како шанкови и забавни содржини со продолжено работно време, што ќе го наруши мирот на локалното население и бројните гости што доаѓаат тука токму поради мирот и спокојството на амбиентот.

Медитеранската плажа што е предвидено да се гради во Лагадин во текот на претстојните месеци ќе се протега во должина од 500 метри. Предвидено е да содржи сервисен пункт, шанкови, платформи во вода, молови за прифаќање на пловни објекти и спортски игралишта. Покрај песочен дел ќе има и зелени оази, а во цела должина на плажата ќе бидат засадени палми.

Локалните жители сметаат дека ништо од предвиденото не е автентично за Охрид. Тие поддржуваат некои помали зафати за уредување на просторот, но ништо толку драстично што не соодветствува на прекрасната природа, што ја поседува тој дел од источното крајбрежје на Охридското Езеро.

Потпишувањето на петицијата ќе продолжи и наредните денови. Таа ќе биде испратена до сите надлежни институции со надеж дека ќе бидат ислушани нивните забелешки и истите ќе бидат земени предвид при какво било видоизменување на просторот.