Претпазливост од руската загриженост

Архивска фотографија.

Руското министерство за надворешни работи, кое вообичаено не реагира на состојбите во Македонија, во последниот период се произнесува за состојбите. Сега за Гошинце, а претходно и за аферата „Пуч“.

Реакцијата на руското Mинистерство за надворешни работи се должи пред сè на недефинираната состојба на Македонија, вели професор Денко Малески. Тоа што земјава не е ни во Европската унија, ни во НАТО, ниту, пак, надвор од овие организации, заедно со внатрешните проблеми се еден вид покана за надворешна дипломатска интервенција, истакнува Малески.

Доцнењето во овие евроатлантски интеграции за кои се изјасни Македонија ја отвораат вратата за вакви потенцијални упади од други, во конкретниот случај Русија, која и онака сега има давање и земање со Американците и со Западот и Европа околу Украина.
Денко Малески, универзитетски професор.

„Доцнењето во овие евроатлантски интеграции за кои се изјасни Македонија ја отвораат вратата за вакви потенцијални упади од други, во конкретниот случај Русија, која и онака сега има давање и земање со Американците и со Западот и Европа околу Украина“, вели Малески.

Архивска фотографија: Свечено отворање на Спортски центар „Јане Сандански“ и хотел „Русија“ во Скопје.

Оваа реакција е една голема опомена за земјава да види што може да направи на планот на евроатланските интеграции и што побрзо да го затвори тоа досие, додава Малески. Во вакуум каков што е сега Македонија, очекувано е да се вмешуваат и други сили, вели професорот.

Русија, иако со својот интерес повеќе е свртена кон оној дел на територии коишто се населени со русофонски народи, повеќе сепак покажува одреден хоризонт на интерес за Балканот што ја враќа во игра, во смисла дека нејзината стара политика кон Балканот сè уште не е исчезната.
Нано Ружин, универзитетски професор.

„Би било опасно доколку некој од наша страна намигнува кон Русија со цел да заигра на некаква карта на некој баланс, на некаква невозможна ситуација на парирање на притисоците, како што ги доживуваат некои политички структури во Македонија, од Западот, со некаков ангажман од страна на Русија“, вели Малески.

Реакцијата од руска страна може да се сфати како една епизода преку која Москва праќа порака дека е расположена да ја понуди својата помош ако за тоа има потреба, вели професор Нано Ружин.

„Русија, иако со својот интерес повеќе е свртена кон оној дел на територии коишто се населени со русофонски народи, повеќе сепак покажува одреден хоризонт на интерес за Балканот што ја враќа во игра, во смисла дека нејзината стара политика кон Балканот сè уште не е исчезната“, вели Ружин.

Тоа што официјална Москва го споменува нерешениот косовски проблем како причина за етнички тензии на овој дел од Балканот може да биде и нивен изговор за нивните реакции во Украина, посочуваат експертите. Но, тоа се игри на големите сили, во кои Македонија како мала држава не смее да си дозволи да биде вовлечена и треба да продолжи да се држи до курсот на евроатланските интеграции, заклучуваат тие.

Во вчерашната реакција на руското МНР се изразува длабока загриженост за инцидентот во Гошинце. Притоа, во соопштението се наведува дека на оваа ситуација примарно влијание има сериозниот недостиг на владеењето на правото и безбедноста во Косово, а во продолжение се додава дека се надеваат дека напорите на македонските власти да го врати редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат потребната меѓународна поддршка. До овој момент официјална реакција на соопштението не добивме од македонското МНР.