Американската армија минатата недела најави дека околу 300 американски падобранци ќе обучуваат 900 припадници на Националната гарда. Станува збор за единица во која доброволци и припадници на провладини милиции се под команда на официјален Киев.
Вежбите за кои украинскиот претседател Петро Порошенко оцени дека ќе придонесат за повторно раѓање на украинските сили се одвиваат на илјада километри од регионите на Доњецк и Луганск, зафатени со конфликтот.
Руското министерство за надворешни работи упати критики, наведувајќи дека вежбите ќе го дестабилизираат и онака кревкиот мировен процес.
Според Mинистерството, тоа било прв чекор кон можна испорака на американско оружје на Украина.
Администрацијата на американскиот претседател Барак Обама засега се воздржува од испраќање смртоносно оружје за Украина, но му даде на Киев воена опрема во вредност од 75 милиони долари.
Би рекол дека Русија ја дестабилизира Украина. Таа продолжува да ги снабдува бунтовниците со оружје. Таа испраќа борбени сили во Украина.Полковник Стивен Ворен, Пентагон.
Портпаролот на Пентагон, полковник Стивен Ворен, прецизира дека американските војници се од 173 Воздушно десантна бригада која е стационирана во италијанскиот град Виченца и оти во наредниве шест месеци во три ротации ќе обучуваат украински гардисти.
Тој ги отфрли руските оценки дека со оваа американска акција ќе се дестабилизира ситуацијата во Украина.
„Би рекол дека Русија ја дестабилизира Украина. Таа продолжува да ги снабдува бунтовниците со оружје. Таа испраќа борбени сили во Украина“, рече полковник Ворен.
Минатата недела портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека присуството на инструктори или специјалци од трети земји на украинска територија, каде што се уште не е решен тамошниот конфликт, би можело да ја влоши состојбата.
Според портпаролот на Пентагон, обуката на гардистите ќе биде ограничена на одбранбени операции.
Во меѓувреме, Вашингтон соопшти дека ќе испрати нова помош за Украина во вредност од околу 18 милиони долари.
Белата куќа соопшти дека потпретседателот Џо Бајден телефонски разговарал за оваа финансиска поддршка со украинскиот претседател Петро Порошенко.
Според Белата куќа, парите ќе бидат наменети за засолништа, храна, вода и здравствени потреби во регионите погодени од борбите меѓу владите сили и проруските бунтовници.
Бајден и Порошенко ја повикаа Русија да престане да разместува сили во близина на руско украинската граница.
Инаку, во борбите меѓу проруските сепаратисти и украинските сили на истокот на Украина од почетокот на конфликтот во март минатата година досега, загинале над 6 илјади луѓе.
Во февруари годинава во Минск е договорено примирје, но тоа е нарушувано скоро секојдневно.