Општата цел на програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2015 година во Македонија е континуирано унапредување на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период во насока на намалување на доенечката и матерналната смртност. Фокусот во самата програма е ставен на ранливите категории на жени, меѓу кои Ромките. Во Шуто Оризари, живеат најголем дел од ранливата категорија на жени. Во општината има повеќе од 8.000 жени во репродуктивен период.
Во Шуто Оризари 41проценти од жените изјавиле дека плаќаат од 150-500 денари при секој преглед кај матичниот гинеколог во текот на бременоста. Ако се живее од социјална помош, дури и 60 денари претставуваат луксуз.
Една од специфичните цели е унапредување на квалитетот и еднаквоста во пристапот до здравствените услуги за мајките и децата, со посебен фoкус на ранливите групи жени. Како ова ќе се оствари без ниту еден матичен гинеколог, во општина каде има повеќе од 8.000 жени во репродуктивен период? Во јули минатата година се отвори гинеколошка ординација која еднаш во неделата нуди услуги за жените од Шуто Оризари, но нема матичен гинеколог. Нема следење на бременоста, нема ПАП тестови, нема микробиолошки брисеви, нема упатување до болнички одделенија. Ризиците по здравјето и животот се големи. Факт е дека репродуктивноста кај Ромките е два пати поголема во однос на просекот во Република Македонија, но и морталитетот кај децата е два пати поголем во споредба со другите етнички групи.
Во истражувањето од 2011 година, „Фактори кои влијаат на употребата на контрацепцијата во Република Македонија”, Ромка од Шуто Оризари изјави „мојот гинеколог се наоѓа во Железара, па јас немам ниту време, ниту пари да го посетувам. Ние живееме од социјална помош”. Секоја бремена жена во Република Македонија според закон е предвидено да добива целосно бесплатни услуги кај својот матичен гинеколог. Во Шуто Оризари 41 проценти од жените изјавиле дека плаќаат од 150-500 денари при секој преглед кај матичниот гинеколог во текот на бременоста. Ако се живее од социјална помош, дури и 60 денари претставуваат луксуз.
Во истражувањето за состојбите на здравствената заштита и правата кај Ромки во Шуто Оризари во текот на бременоста и по породувањето, ослободувањето од плаќање за здравствени услуги во текот на бременоста и отворањето на гинеколошка ординација во Шуто Оризари се наведени како најглавни приоритети. Дали гласот на жените Ромки се слуша?
Многу финансиски средства се потрошени за медиумската кампања против абортусот. Истите тие средства можеа да се искористат во подобрување на репродуктивното здравје на жените во Шуто Оризари. Тие немаат избор. Немаат гинеколог.
Обезбедувањето највисок можен стандард на здравје е основно човеково право. Факт.
Нема безбедно мајчинство без матичен гинеколог. Факт.
Повеќе од 8.000 жени чекаат. Само една жена е многу.