Криминалите што ги правел битолскиот градоначалник Владимир Талески, како што беше речено, се темата на денешната прес конференција на Васко Ковачевски, претседател на општинскиот одбор на СДСМ во Битола. На почетокот, рече тој, ќе се потсетиме на еден веќе објавен разговор меѓу министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска, во кој Ставрески вели дека договорот што Талески го склучил со Транскоп за превоз на ученици е коруптивен „до даска“, со договорени цени 10 пати повисоки, за што СДСМ веќе поднесе кривична пријава против Талески.
На прес конференцијата беше објавен и разговор, како што е истакнато, меѓу првиот човек на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Зоран Илиоски и министерот Миле Јанакиески, во кој тие се жалат за паднатиот рејтинг на Талески за 13 проценти за само два месеца, а Јанакиески потврдува дека Талески слабо работи.
Беше објавен и разговор во кој, како што беше речено, Талески лобира кај Влатко Мијалков да се отстранат луѓето од спротивниот табор. Овие и уште неколку снимени разговори се објавуваат во рамките на 19-та таканаречена бомба на опозицијата за криминалите на власта.