Цифровски со втора книга рецензии - „Кинеење 2(Следната генерација)“

„Кинеење 2 (следната генерација)“ е насловена втората книга на новинарот Тони Цифровски.

„Кинеење 2 (следната генерација)“ е насловена втората книга на новинарот Тони Цифровски, чија промоција е планирано да се случи овој вторник напладне, на 7 април, во Кинотека на Македонија. Станува збор за објава на издавачката куќа „Маска“ од Скопје во која се поместени 60-тина рецензии за филмови прикажани на домашниот редовен или фестивалски кино-репертоар во последниве четири години.

По нецели три години од деби објавата, новинарот Тони Цифровски ја потпишува и својата втора книга филмски рецензии разбирливо насловена како „Кинеење 2 (следната генерација)“. И во ова издание на „Маска“ од Скопје, поместени се 60-на текстови за делата од редовниот домашен или фестивалски кино-репертоар.

Се решив да го опфатам периодот од 2011 до втората половина на минатата година и доколку во првата книга значеше рецензентски да се проследат безмалку сите филмови коишто беа на репертоарот, овојпат мораше да се направи една селекција со оглед на зголемениот број и прилив на филмови коишто во навистина пократок временски период се најдоа на програмата на нашите киносали.
Тони Цифровски, филмски критичар.

Од таму, нималку не чуди кога писателот Гоце Смилевски во поговор вели дека уште со самиот наслов авторот ја акцентира ја акцентира таквата интенција, со тоа што не насочува кон разгатнување на кованицата која ја создал самиот, а во неа се среќаваат именката „кино“, и глаголската именка „живеење“. Тој дополнува дека разгатнувањето не се однесува на тоа да откриеме како настанала кованицата, туку на тоа што значи самата и дека едно од можните толкувања е тоа дека „кинеењето“, како специфичен, промислувачки пристап кон филмските дела, е суштински дел од постоењето, компонента која учествува во формирањето на она што се нарекува modus vivendi и тоа таков начин на живеење кој е спротивност на конзумеристичкиот пристап, во кој и филмските дела се дел од бескрајниот синџир на потрошувањето.

Сега дојдовме во ситуација, особено со отворањето на салите „Синеплекс“, да имаме по три нови филмови на репертоарот, да мора да се направи една позабрзана селекција и конечно да се пишува почесто за да може да се постигне една динамика којашто ќе овозможи некаков поширок поглед на репертоарот.
Тони Цифровски, филмски критичар.

Конечно, Смилевски заклучува дека филмските критики на Цифровски не водат не само кон преиспитување на она што го гледаме на филмското платно, туку и преиспитување на нашата улога на гледачи, како и кон дефинирање на нашите естетски потреби и интереси. Затоа, како што вели писателот, целокупниот негов креативен ангажман во областа на филмската критика може да се согледа како еден добро промислен патоказ за гледачите, па оттаму и како дел од насловот на овој осврт кон неговата најнова книга ја ставаме кованицата „филмоказ“ („филм“ + „патоказ“).

Авторот, во пресрет на промоцијата на „Кинеење 2 (следната генерација)“, знае да каже дека бил изненаден од пријатниот пречек на неговото првично „книжевно екранизирање на седмата уметност од репертоарскиот аспект“ и дека тоа било причината поради која многу брзо се одлучил за продолжување на својот исчекор. Вели дека на таквата заложба и кумувало и заживувањето на кино-мрежата и кино-инфраструктурата во земјава.

„Сега дојдовме во ситуација, особено со отворањето на салите „Синеплекс“, да имаме по три нови филмови на репертоарот, да мора да се направи една позабрзана селекција и конечно да се пишува почесто за да може да се постигне една динамика којашто ќе овозможи некаков поширок поглед на репертоарот. Значи реално постои причина да се израдуваме и да кажеме дека во последно време добивме можност повеќе да ги имаме не само позначајните комерцијални, туку и другите филмски наслови што порано ги гледавме само на фестивалите на редовниот кино-репертоар кај нас“, истакнува Цифровски.

Тој дополнува дека во подготовката на делото се потрудил да го задржи континуитетот на формата, та дури да го задржи и бројот на публикуваните рецензии.

„Се решив да го опфатам периодот од 2011 до втората половина на минатата година и доколку во првата книга значеше рецензентски да се проследат безмалку сите филмови коишто беа на репертоарот, овојпат мораше да се направи една селекција со оглед на зголемениот број и прилив на филмови коишто во навистина пократок временски период се најдоа на програмата на нашите киносали“, вели тој.

Половината од рецензиите на Цифровски поместени во неговата втора објава веќе беа публикувани со што, како што самиот забележува, „добро е што и натаму за ваквиот вид литературна естетска форма во однос на филмот сè уште може да се најде простор на страниците на дневниот печат“.

„За жал она што медиумите го прават и ден денес е сè повеќе сервирање на информации, а сè помалку на нешто што значи надминување на таа груба рамка на гола вест. Мене ме радува што барем во мојот пример во соработката со „Дневник“ тоа успева да преживее и да ги надмине сите оние белези кои што значат комерцијално работење на прва топка“, вели авторот.

Инаку, Тони Цифровски е долгогодишен новинар и уредник на Редакцијата за култура и уметност во Македонското радио. Тој за документарната-радио-емисија „Симон Трпчески – од малата собичка до големите светски сцени“ во јули 2006 година беше номиниран за престижната награда „ПРИ ЕВРОПА“, а досега има реализирано над 1.000 библиографски единици од областа на филмската и другите уметности.