Над повеќе патни правци во југозападниот дел на Македонија демнат свлечишта, предупредува Веселинчо Спасевски, раководител на битолската подружница на „Македонија пат“. Тој вели дека има повеќе места каде постои потенцијална опасност од одронување на земјени или карпести делови врз регионални коловози.
Тоа се претежно места каде што патниот правец се наоѓа во засек. Патот Битола-Кичево, Кичево-Охрид, Струга-Ќафасан, патниот правец А3-Прилеп-Битола се потенцијални бомби и во секој момент можеме да очекуваме свлечишта.Веселинчо Спасевски, раководител на битолската подружница на „Македонија пат“.
„Тоа се претежно места каде што патниот правец се наоѓа во засек. Патот Битола-Кичево, Кичево-Охрид, Струга-Ќафасан, патниот правец А3-Прилеп-Битола се потенцијални бомби и во секој момент можеме да очекуваме свлечишта. На патот за Пелистер во моментот има три-четири активни свлечишта. Затоа апелираме до сите учесници во сообраќајот многу внимателно да возат и да ги почитуваат сообраќајните знаци“, вели Спасевски.
Првиот одрон на патиштата во југозападна Македонија се појави деновиве на обиколницата над Битола која е составен дел од регионалниот пат Прилеп-Ресен. Поради опасност од нови одрони, патот со денови е забранет за сообраќај, па возилата минуваат низ Битола.
Имаме околу 400 метри кубни материјал од земја отстранет од коловозот, а очекуваме и стравуваме дека во секој момент можат да се срушат уште илјада метри кубни.Веселинчо Спасевски, раководител на битолската подружница на „Македонија пат“.
„Имаме околу 400 метри кубни материјал од земја отстранет од коловозот, а очекуваме и стравуваме дека во секој момент можат да се срушат уште илјада метри кубни. На триста метри оддалеченост од ова свлечиште има уште едно активно свлечиште. Засекот е од карпест материјал и може да биде уште поголема опасност за сообраќајот“, додава Спасевски.
Врз појавата на свлечишта влијаеја обилните врнежи од дожд во изминатите месеци. Се проценува дека ова беа највлажните есен и зима во изминатите години. Воедно за одроните во битолско придонесоа и големите пожари во летниот период на ридскиот појас на градот кој е поголем и има појава на ерозија.
„Долготрајните снежни и дождовни врнежи доведоа до впивање на огромна количина на вода во земјата. Сега се очекува некој посув период, преконсолидација на земјата и доведува до несакани последици лизгање на земјата и друго“, вели раководителот на битолската подружница на „Македонија пат“.
Битола во изминатиот период имаше искуство со две други свлечишта на патните правци Битола-Ресен и за Пелистер кои за санација чекаа неколку години.