Безомразно против говорот на омраза

Со двегодишниот проект „Безомразно“ се постигнале позитивни резултати, особено кај младите, велат од Македонскиот институт за медиуми.

„Никој не се раѓа со омраза кон друг човек поради бојата на неговата кожа, неговото минато или неговата религија. Луѓето се учат да мразат и ако можат да научат да мразат, тие можат да научат и да сакаат, затоа што љубовта му доаѓа поприродно на човечкото срце, отколку нејзината спротивност.“

Слободата на изразување е човеково право кое со себе носи одговорност, но со ова право можете да кажете се што сакате се додека не навлезете во говорот на омразата.
Чарлс Герет, британски амбасадор во Македонија.

Со овој цитат од Нелсон Мендела британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Герет го адресираше проблемот со говор на омраза во општеството. Тој вели дека во повеќето демократски земји, овој проблем е вметнат во законите, а говорот на омраза треба да се смета за нелегален.

Чарлс Герет.

„Демократските општества сакаат да се придржуваат до слободата на изразување како еден од основните темели на демократијата. Проблематиката во оваа сфера доаѓа во „сивата зона“ околу говорот на омраза и слободата на изразувањето, поради недоразбирањето што точно значи слобода на изразување. Слободата на изразување е човеково право кое со себе носи одговорност, но со ова право можете да кажете се што сакате се додека не навлезете во говорот на омразата“, рече британскиот амбасадор Чарлс Герет.

Нескромно заклучивме дека најголемо позитивно внимание постигнавме кај младите.
Билјана Петковска, Македонски институт за медиуми.

Директорката на Македонскиот институт за медиуми, Билјана Петковска, вели дека говорот на омразата е дел од секојдневието, но со двегодишниот проект „Безомразно“ постигнале позитивни резултати.

„Нескромно заклучивме дека најголемо позитивно внимание постигнавме кај младите, студентите, средношколците, па и основците и преку своите јавни перформанси покажаа дека сакаат свет без омраза, со многу љубов и почитување на различните од нив“, рече Петковска.

Новинарот Борјан Јовановски кој е еден од уредниците – водители на ТВ дебатите Безомразно вели дека говорот на омраза како феномен е присутен насекаде, во секое демократско општество.

„Но она што е многу поразлично од нас е што во сите тие земји говорот на омраза е многу јасно препознаен како една од најголемите закани за слободата на изразувањето.“

Целта на проектот „Справување со говорот на омразата во јавниот дускурс во Македонија“ е да се промовираат нови и позитивни вредности во јавната комуникација, како и разбирање меѓу граѓаните за последиците од употребата на говорот на омразата, преку различни креативни и информативни содржини и алатки.