Неуспешен беше обидот на жените кои присуствуваа на денешниот протест пред МРТВ да влезат во зградата и да ги достават цедињата со прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата, зошто полицијата ги спречи во намерата. Претходно лидерот на Достоинство, Стојанче Анѓелов ги повика жените присутни на протестот да ги гушнат полицајците и со љубов да отворат пат кон влезот на зградата. Жените револтирано извикуваа дека телевизијата која тие ја плаќаат е должна да ги прими и да го брани јавниот интерес.
Инаку неколку стотици граѓани денеска му изразија поддршка на генералот Анѓелов и заедно одржаа протест во знак на револт поради необјавувањето на снимките од прислушуваните разговори на јавниот сервис. Анѓелов ја повика опозицијата да ги објави сите материјали кои ги има, а воедно најави дека тој ќе патува низа целата држава и во секое село и град ќе ги презентира аудио снимките од разговорите до граѓаните.
Денеска ќе ја нападнеме МРТВ со бомби, со политички бомби и ќе им покажеме што сме ние и кој сме ние. Наместо со нивната омраза, со нашата љубов повторно ќе ги совладамеСтојанче Анѓелов
А, јас го чекам денот кога овој патриот македонски Никола Груевски ќе го слушнам како го продава името, а колку што знам има и многу други гнасотии. Затоа денес нема да се тепаме со овие полицајци. Денеска ќе ја нападнеме МРТВ со бомби, со политички бомби и ќе им покажеме што сме ние и кој сме ние. Наместо со нивната омраза, со нашата љубов повторно ќе ги совладаме, изјави Анѓелов.
Марјан Ристевски од Независните синдикати изрази поддршка на Анѓелов и го праша главниот и одговорен уредник на МРТВ, Горан Петрески:
Јавно ќе ве прашам, ако за овие бомби имате забрана од Јавното обвинителство, зошто нашите прес конференции кадешто сакаме да ја информираме јавноста во каква беда и сиромаштија живее, не ги објавувате. Дали и за нив имате забрана од Јавното обвинителство или некои други органи, праша Ристевски.
Поддршка на протестот дадоа и реномирани актери. Во своите обраќања пред присутните актерот Сашо Тасевски и професорката Синоличка Трпкова и порачаа на МРТВ дека како сервис за кој плаќаат сите граѓани мора да престане со како што рекоа циркусот на заштитување на владините функционери.
Криминали слушаме од разговорите, ги слушаме министрите како се договараат и кројат судбини, МРТВ остана мртва.Синоличка Трпкова
Студентите го окупираа универзитетот за првпат во историјата на Македонија и прогласија автономија, МРТВ беше мртва. Криминали слушаме од разговорите, ги слушаме министрите како се договараат и кројат судбини, МРТВ остана мртва, речеТрпкова.
Денешниот протестот започна со објавување на аудио снимките од прислушуваните разговори на разглас, а заврши со обид за, како што рекоа, ослободување на јавниот сервис. Овој протест е дел од повеќето протести кои се случија деновиве и кои завршуваа пред Обвинителството. Вчера Ангелов испрати последен повик до државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да се изјасни околу соопштението кое уредникот на МРТ, Горан Петрески, го користи како аргумент, дека било забрането да се објавуваат снимките од „бомбите“ на опозицијата. Како што во повеќе наврати истакна Ангелов, соопштението е нејасно и во него не е наведен закон и член од закон според кој се забранува објавувањето на снимките.