Претседателот на СДСМ Зоран Заев објави нова серија нелегално снимени телефонски разговори, овој пат на тема влијанието на политиката врз судството. На прес-конференцијата во партиското седиште, Заев рече дека со телефонските разговори се докажува кој целосно го контролира правосудниот систем во Република Македонија.
Судски пресуди не се донесуваат, туку се нарачуваат.Зоран Заев, претседател на СДСМ.
Тројца луѓе, како што рече Заев, ги влечеле сите конци во оваа област, а тоа се премиерот Никола Груевски, директорот на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие имале соработници во нивниот коалициски партнер ДУИ, односно во поранешниот министер за правда Блерим Беџети и десната рака на Али Ахмети, Муса Џафери, истакна Заев. Тој додаде дека овие луѓе се пазареле, местеле судии и обвинители, а имале и одмазднички планови спрема сите кои не се однесувале сервилно кон нив.
Неколку од разговорите, според Заев, се меѓу Јанкулоска и Мијалков на кои се разговара за пазар со ДУИ за избор на судии и обвинители.
„Судски пресуди не се донесуваат, туку се нарачуваат“, вели Заев
Во првиот објавен разговор, според Заев, братучедот на премиерот Груевски, Влатко Мијалков ургира кај судијката во апелација Филимена Маневска, која е и сопруга на поранешниот министер за правда, за некој случај пред Апелациониот суд. Женскиот глас му советува на машкиот соговорник да се јави кај претседателката на Апелациониот суд Љупка Арсениевска, која е „ептен наша“.
На друг разговор, кој според Заев е меѓу шефот на кабинетот на премиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, се разговара за да падне кривична пријава за сообраќајна несреќа на сопругата на пријател на машкиот соговорник.
Неколку од разговорите, според Заев, се меѓу Јанкулоска и Мијалков на кои се разговара за пазар со ДУИ за избор на судии и обвинители.
Во други разговори, тврди Заев, се слуша како Јанкулоска судиите ги води под бројче во нејзиниот тефтер, што, според него, е доказ како власта ги третира претставниците на судската власт.
Во еден од разговорите, вели Заев, се слуша како поранешната претседателка на Републичкиот судски совет Александра Зафировска и реферира на секретарката на Груевски за распишување оглас за судии.
Се слуша, вели Заев, како поранешниот Јавен обвинител Љупчо Шврговски ургира кај Јанкулоска за да се договори со ДУИ за избор на апелационен судија.
На еден од разговорите, според Заев, министерот за здравство Никола Тодоров ургира за избор сопругата на деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов, „кој е ептен наш“ за судијка.
Ова е 12-та таканаречена бомба на опозицијата. Вчера беа објавени аудио снимки од разговори со кои, како што беше речено, се покажува какви криминални активности извршувале владејачките партии за да ја освојат локалната власт во Струмица.