МакеДокс и МОФ со младински кино-клубови во 12 градови во земјава

Со проекцијата на филмот „Алфабет“ на Ервин Вагенхофер од Австрија, овој петок, на 20 март, во 20 часот, во Ликовниот салон Велес, практично ќе заживее заедничката идеја на „МакеДокс“ и Младинскиот образовен форум за пробистрување на умот и децентрализација на културата, што подразбира дека во наредниве седум месеци, ќе заживеат Младински кино-клубови во дури 12 градови во земјава.

Ја отвораме ризницата на креативни документарни филмови за да си го пробистриме умот и изостриме сетилото за убаво, за да видиме и научиме како е другде и да ја децентрализираме културата овде. Башка, ќе дебатираме!

Поентата на тие муабети ќе биде не само да слушнеме за она што како искуство постои во светот, туку и за тоа што мислат младите за обработуваната тема. Тоа и ни е особено важно. Нивното поимање на нештата.
Киријана А. Николовска, директорката на „МакеДокс“.

Ова е заедничката порака што деновиве ја упатија „МакеДокс“ и Младинскиот образовен форум во пресрет на почетокот на акцијата за заживување на Младински кино-клубови во 12 градови од земјава.

Алфабет, сцена од филмот.

Проектот започнува овој петок, на 20 март, во Ликовниот салон Велес, каде ќе биде прикажан документарецот „Алфабет“ на Ервин Вагенхофер.

За почеток го одбравме филмот „Алфабет“ на Ервин Вагенхофер којшто минатата година беше прикажан на „МакеДокс“. Сметаме дека не го видоа доволен број на посетители во Куршумли ан и затоа ги откупивме правата за неговото јавно прикажување во текот на наредните години.
Киријана А. Николовска, директорката на „МакеДокс“.

Киријана А. Николовска, директорката на „МакеДокс“, вели дека Фестивалот уште од првата година на своето постоење во 2010 се обидува да ја донесе креативната документаристика што е можно поблиску до младите. Истакнува дека тие како интернационална манифестација досега во Кинотека на Македонија реализирале неколку организирани проекти за основните училишта во Скопје, потем одржале исто толку летни школи и кратки курсеви за креативна документаристика, за да конечно и се вратат и на идејата која што постои четири години – да формираат кино-клубови. Во нив имале намера членовите поконтинуирано да се занимаваат со оваа тема и да ги разгледуваат аспектите со кои таа допира до сите свери од животот.

Macedonia - Alphabet, movie Алфабет, сцена од филмот.

Знаејќи, пак, дека МОФ веќе има оформени младински клубови во повеќе градови од Македонија се решиле да соработуваат со нив и еднаш месечно во рамките на проектот да имаат креативен ден во различните средини со филмови со кои што ќе разглобуваат најразлични општествени теми, ќе потенцираат одредени случувања, ќе разменуваат искуства кои што доаѓаат од различни земји на светот и најпосле ќе дебатираат.

„Поентата на тие муабети ќе биде не само да слушнеме за она што како искуство постои во светот, туку и за тоа што мислат младите за обработуваната тема. Тоа и ни е особено важно. Нивното поимање на нештата. На дел од тие дискусии после прикажувањето на филмовите секогаш ќе гледаме да присуствуваат и гости кои што се поврзани со темата, со филмската приказна, со начинот на изразување или едноставно некој од авторите на филмот“, вели таа.

Николовска дополнува дека модератор на случувањата во кино-клубовите ќе биде Сашо Алушевски, а во дебатите редовно ќе бидат вклучувани и претставници на Младинскиот образовен форум.

„За почеток го одбравме филмот „Алфабет“ на Ервин Вагенхофер којшто минатата година беше прикажан на „МакеДокс“. Сметаме дека не го видоа доволен број на посетители во Куршумли ан и затоа ги откупивме правата за неговото јавно прикажување во текот на наредните години. Поради целата оваа ситуација што се случуваше околу образованието, мислиме дека младите имаат што да кажат и да осознаат нешто повеќе за ова тема во светот“, вели Николовска.

Инаку, по Велес филмскиот младински дебатен кино-карван на „МакеДокс“ и МОФ се сели во Кичево, потем патува во Дебар, Битола, Куманово, Струга, Тетово и Скопје, за да последната проекција се случи на 31 март во Гевгелија.