Како и за секој концерт, така и за секое издание, се трудам да одберам програма која ќе ја задоволи не само стручната јавност, туку и публиката. Таков е случајот и со оваa прва моја солистичкa објава на која со пијанистката Елена Атанасовска Ивановска посегнавме по дела на Брамс, Ернесто Кавалини, Клод Дебиси, Анте Гргин, Габриел Пјерне и нашиот Благој Цанев.
Авторскиот запис, независно дали е на компакт диск или на ДВД, е неодминливото портфолио за секој уметник и тоа може силно да влијае не само на неговата лична промоција, туку во случајов и на промоцијата на македонската музичка култура и македонското музичко творештво во светот.Ристо Ѓоревски, кларинетист.
Ова ќе го забележи Ристо Ѓоревски во пресрет на промоцијата на неговиот албум „Моменти на кларинет“ што треба да се одржи оваа среда напладне, на 18 март, во фоајето на Македонската опера и балет.
Уметникот вели дека е исклучително битно за секој инструменталист, за секој солист, да има едно вакво издание бидејќи тоа за него е неговата „лична карта“, она со што ќе може да се идентификува пред домашната културна јавност и на настапите во светот.
Соработката меѓу нас двајца датира уште од студентските денови и мене сосема ми беше логично да ја поканам заеднички да се претставиме на мојот прв солистички албум.Ристо Ѓоревски, кларинетист.
„Авторскиот запис, независно дали е на компакт диск или на ДВД, е неодминливото портфолио за секој уметник и тоа може силно да влијае не само на неговата лична промоција, туку во случајов и на промоцијата на македонската музичка култура и македонското музичко творештво во светот. Затоа не случајно „Моменти на кларинет“ како објава беше подржана и со Програмата на проекти од национален интерес на Министерството за култура“, вели музичарот.
Материјалот за албумот е сниман во студијата на МРТВ, продуцент е Будимка Имери, тон мајстор Ѓорѓи Христовски, а Ѓоревски дополнува дека е исклучително задоволен од она што го сработиле со Елена Атанасовска Ивановска.
„Соработката меѓу нас двајца датира уште од студентските денови и мене сосема ми беше логично да ја поканам заеднички да се претставиме на мојот прв солистички албум. А, што се однесува до програмата, таа бара многу вложување не само на солистот, туку и на неговиот придружник, па затоа навистина искрено сум и благодарен на Елена за трудот што го вложи во реализацијата на ова издание“, вели тој.
Дел од програмата на овој носач на звук Ѓоревски веќе ја има изведувано во Скопје, па затоа се решил наместо концертна, да направи класична промоција на која за делото ќе говорат музикологот Бранка Костиќ Марковиќ, професорот Иван Кочаров и диригентката Бисера Чадловска. Инаку, тој не ја исклучува можноста со „Моменти на кларинет“ да направи неколку концерти во поголемите градови од земјава со забелешка дека сето тоа и не зависи толку од него туку од еден куп други ограничувачки, финансиски и организациски фактори.
„Со сите сили ќе се заложам ова издание да и го претставам и на публиката надвор од нашава земја. Имајќи предвид дека во мај ми претстојат не само солистички, туку и камерни настапи во Русија и во Словенија, навистина ќе имам прилика и преку изведба, но и како носач на звук, да го промовирам албумот пред публиката во тие држави. Тоа се веќе договорени настапи, но не е исклучено на ова листа да се најдат и други перформанси за кои дополнително ќе се разговара“, вели Ѓоревски.
Згора на ова, уметникот знае да каже дека Македонија е земја на кларинетисти и дека таа традиција се влече од легендарниот Тале Огненовски, преку проучуениот професор Панде Татарчевски, па сè до генерации кои сега го слават инструментот во регионов и во светот.
„Македонија навистина е земја на кларинетисти. Мене навистина би ме радувало што поголем број на колеги да добијат ваква можност да снимат едно вакво репрезентативно издание, свој солистички албум. А, точно, тргнувајќи од ненадминатиот Тале Огненовски до денешни дни нашава земја е расадник на добри кларинетисти и не само во класичната музика, туку и во народната и во другите стилови. Нашава културна јавност може и треба да се радува со творештвото за кларинет и неговата презентација во земјата и во странство“, вели музичарот.
Ристо Ѓоревски, како ученик на Татарчевски, по завршеното средно образование во Битола, дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на Иван Кочаров. Награден е со прва државна награда за кларинет во 1994 и во 1997 година и прва државна награда за камерна музика во 2002.
Досега одржал голем број соло рецитали, а настапувал и со различни камерни состави и оркестри во Република Македонија и надвор од неа. Одреден период музицирал со Македонскиот дувачки квинтет, а сега е член на Скопскиот дувачки квинтет.
Забележителен е и неговиот перформанс на Скопско лето 2009, концертот со камерна музика одржан заедно со македонскиот пијанист Симон Трпчески, како и оној со младинскиот оркестар на КултурОп под раководство на светското „чудо од дете“ диригентот Илич Ривас. Исклучително позитивни критики Ѓоревски доби и за заедничкиот настап со Сергеј Петров – првиот кларинетист на московскиот Бољшој театар и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска на фестивалот „Охридско лето“, како и на „Битфест“ во 2014 година.
Бележити се и неговите изведби со Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност-Скопје, камерниот оркестар Св. Софија, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија-Скопје, оркестарот „Јохан Штраус“, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика Macedonian Music Entertainment, Македонската Филхармонија и оркестарот на Македонската опера и балет.
Конечно, тој зад себе има реализирано повеќе аудио и ТВ записи, како и два носачи на звук со матичниот „Скопски дувачки квинтет“.