Груевски - преодна влада е можно, но без ВМРО-ДПМНЕ во неа

Креирани големи сценарија и случаи ставани во негативен контекст, како конструкција, не е доволно да ја засени нашата работа и делата заради кои не бирате и ни давате доверба, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на денешната трибина во СЦ „Борис Трајковски“.

Според Груевски, народот бара одговорни политичари, а ВМРО-ДПМНЕ сака да ја заслужи довербата.

„Ние не сакаме преку ноќ некој да дојде,по можност да е од странство, нели, и да не донесе или остави на власт, и да ни дава разни нелегални, креирани, сценарија на тацна, без да се помачиме, без да знаеме дека сме алтернатива, дека народот е со нас. Не. Тоа кај другиве. Кај нив тоа проаѓа, кај нив се проаѓа. Тие би ја направиле таа работа како што гледаме, што поскоро тоа подобро. Ние сакаме да ја заслужиме довербата“, наведе Груевски.

За политичката состојба најавува правна завршница согласно законите во државата. Одговарајќи на условите од претседателот на СДСМ Зоран Заев наведе дека барањето за преодна влада во Македонија е можно и остварливо, но, како што потенцира, без ВМРО-ДПМНЕ во нејзе.

„Ние сме сметале и секогаш ќе сметаме дека народот е тој кој дава мандат и легитимитет на избори и дека народот бира кој ќе формира влада а кој не. Со формирање на преодна влада се отвора простор за сериозен преседан, кој потоа лесно може да биде предмет на конфликтност меѓу партиите“, рече Груевски.

Тој истакна дека во услови кога се под сериозен напад со цел политичка и системска дестабилизација, мислеле и работеле на реалните потреби на граѓаните.

Според Груевски, лажна е претставата дека „ова е битка за живот или смрт. Така, рече, сакаат нашите опоненти да изгледа.

„Порака до членството на СДСМ и до сите оние кај кои има некаква неизвесност. Ги разбирам, и ги слушам и прифаќам нивните критики.Нема да дозволам да не закрват, по ниедна цена тоа нема да се случи. Инспираторите тоа го сакат. ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го дозволи. Во името на се она во што верува, во името на идеалите на историското ВМРО кое е на сите наши граѓани патриоти. Нема да дозволиме да не закрват и испровоцираат, рече Груевски.

Тој потенцира дека вистинската борба за Македонија е со обезбедување подобар стандард за граѓаните и отворање нови работни места.Меѓу другото, најави шест нови инвестиции, кои, како што рече, ќе отворат 4.500 директни работни места. Потсети дека од 2006 година досега стапката на невработеност која ја затекнале во висина од околу 38 проценти е намалена на 27,6 проценти и оти во тој пери се отворени над 138.000 работни места.