Претседателот на СДСМ Зоран Заев на денешната партиска трибина во Универзалната сала во Скопје побара итна оставка на владата, оставка на јавниот обвинител Марко Зврлевски и на раководниот тим на МРТВ и да се формира преодна влада која треба да создаде услови за спроведување фер и демократски избори. Во таа влада, според Заев, нема да може да членуваат луѓе за кои има сомнеж или докази за незаконски постапување или криминал. Таа влада, според него, ќе треба целосно да ја одвои државата од владејачките партии и веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за прислушувањето со вклученост на меѓународната заедница.
„Од првиот до последниот доказ и аргумент ќе им бидат предадени на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние коишто расчистија со криминалот во Италија“, рече Заев.
Според него, ова се основните предуслови за да може да се изгради европска Македонија и им порача на Груевски и власта да не помислуваат да се закануваат и уценуваат.
„Да не помислат на црни сценарија да ја дестабилизираат државата. Дестабилизација нема да дозволиме, готово е Груевски“, порача Заев.