Апсењето на Љубе Бошковски, трета „бомба„ на опозицијата

Апсењето на Љубе Бошковски е третата бомба што ја објави опозицијата. Тие на прес конференција објавија разговори меѓу шефот на УБК Сашо Мијалков со уредникот на Сител Драган Павловиќ Латас и со сопственикот на Канал 5 Емил Стојменов за апсењето на Бошковски и за тоа како тоа да се пласира во медиумите. Првиот разговор меѓу Мијалков и Латас е на самиот ден на апсењето, еден ден по изборите, во кое Мијалков вели – сега му ја е*** мајката, а ова ќе му биде осум години, на што Латас вели дека во затвор Љубе ќе се дружи со Велија Рамковски.

„Не го вади господ“, заклучува Мијалков во разговорот.

Вториот разговор меѓу нив е пред изборите во кој разговараат за пратеничките места, колку ќе освојат, а Мијаков најавува некое изненадување, и му вели на Латас дека во понеделник ќе види на што всушност мислел тој.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека Мијалков нарачува што и како ќе се објавува по телевизиите, затоа што, како што рече, Мијаков сакал и да го понижи Љубе. Во третиот разговор Мијаков му наоѓа забелешка на Латас за кадрите кои одат на прилогот на Сител за апсењето на Бошковски, со забелешка дека на „на Канал 5 три пати подобро иделе и вели дека има поубави кадри со Љубе како лежи на земја како говедо и за вечерните вести нарачува да пуштат поубави кадри.

Другиот разговор е на Мијаков и Стојменов исто така за Бошковски.

„Ветив една работа дека од понеделник апсам, чекав да помине кампањата и почнав да апсам од понеделник и почнав од тој што е најубав за апсење, прати камери сега во суд , ќе го носат, пуштете го оригинал како што сте снимале, не се занесувајте многу“, вели Мијаков. На што Емил Стојменов вели: „Што ќејф да ми направиш уште Љубчо да го уапсиш“, а Мијаков одговара „ќе видиме. Сега во Шутка ќе го јаде, сакам да те честам за денеска, да се видиме....“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и шефот на кабинет на Груевски Мартин Протуѓер пак разговараат за контроли на патишта за време на протести. Тој ја известува дека идат пет автобуси од Прилеп за протести кои ги организирале комуњарите, и прашува како да ги средат, дали може со технички преглед. На што таа одговара „што се секираш ,ќе си ги средиме ние .....“. А во друг разговор пак зборуваат што да се објави од веста за апсењето на Бошковски и дали тоа може да се пушти под превезот „дознава Канал 5.....“ А потоа разговараат како да се справат со луѓето од партијата на Бошковски, Обедиенти за Македонија, на што тој вели дека во рок од една недела ќе ја распарчи партијата, а Јанкулоска предлага да се справат со сите луѓе кои се дел од партијата на Бошковски , а работат во државни и јавни институции, и како што вели „не може да им даваме плата, нема бе да работат во МВР, никаде да не работат, да ги избркаме , тие луѓето најмногу што не плукале, а другите што се гревови тие не..... да им се отчита лекција и плус на комуњарите исто. “

Јанкулоска и нејиниот портпарол Иво Котевски разговараат за тоа кои слики да се објават во медиумите, „понасилни или поненансилни“, како што ги објаснуваат тие, а на крај спомнуваат и убиено дете на плоштад, најверојатно мислејќи на Мартин Нешковски, рече Заев

Нема да им дозволиме да ја сотрат Македонија, нема да дозволиме ова повеќе да се случува во Македонија“, рече Заев. Ова што го правеле е грозно и оди до граници што човек не може да ги замисли, додаде тој.