Господине Филипов, постои ли во Македонија квалитетно владеење на правото?
Апсолутно не постои владеење на правото во Македонија, апсолутно не се почитува тој уставен принцип, барем во последните 5-6 години. Закон не може да се менува секој ден, еве ќе ви дадам пример со Законот за пензиско и инвалидско осигурување - во 2014 е менуван дури пет пати. Дали тој закон може да се спроведува во една нормална држава? Не може. Ако пет пати го менувате законот во една година, граѓаните не можат да се запознаат со него, не е тоа правилник, ај правилник може да се менува почесто, ама закон не може да се менува, барем неколку години. И така е со сите други закони што се донесени, земете кој било закон и ќе видите. Еве Законот за работни односи е менуван дури 15 пати, за тоа време се донесени 11 укинувачки одлуки. Можете ли да замислите каков е тој Закон за работни односи и ред други закони. Владеење на правото не постои од тие причини. Каде е стабилноста, каде е правната сигурност на граѓаните во овој случај со законите, значи од тие причини законодавството е, да не речам на нула, ама тука некаде.
Што мислите, зошто се носат неквалитетни закони?
Прво, не се врши никаква подготовка, не се консултираат засегнатите луѓе, засегнатите странки и сега на брзина му паѓа на памет на министерот или на премиерот - ај да донесеме закон, а некои закони се носат и да се збунат граѓаните и опозицијата, тоа е невидено чудо.
Според вас, кој закон донесен во последните 10 години е најконтроверзен?
Најконтроверзен, според мене, е Законот за лустрација, тоа е невидено чудо. И тука Уставниот суд двапати интервенираше и третиот пат не сакаше да преземе ништо, значи тоа е најкриминален закон и најштетен за Република Македонија. Има и други, само тој ми е најкарактеристичен.
Со оглед на големиот број на иницијативи што сте ги доставиле до Уставниот суд во вашиот животен век, како ја оценувате работата на Уставниот суд сега во однос на претходниот судски состав?
Прво, вие ако го погледнете состав на Уставниот суд, само двајца судии се доктори на правни науки. На Уставен суд треба да бидат правници од прв калибар, значи да бидат најмалку доктори, а најдете ми во Уставен суд дали има еден судија од уставно право, нема. Има само две докторки на правни науки, другите, да извинете, се како аналфабети. И ако претседателката била кривичар, не може логички да сфати многу работи. Прво составот е ставен со цел да ја спроведува владината политика, а не да ја цени уставноста и законитоста, што е погрешно. А веројатно и судиите така се поставиле.
Какви се последиците по Уставот?
Катастрофални. Во оваа наша земја Уставот никој не го почитува, дури и не го ни спомнуваат. Значи има многу пропусти, јас сум очаен како граѓанин од оваа состојба.