Апелација ја одби жалбата на Обвинителството за условниот отпуст на Кежаровски

Томислав Кежаровски

Скопскиот Апелациски суд ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство за условниот отпуст на новинарот Томислав Кежаровски. Тоа значи дека Кежаровски останува на слобода.

Јавното обвинителство на 30 јануари годинава поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд за условен отпуст на Кежаровски.

Во соопштение испратено од Обвинителството беше наведено дека жалбата е поднесена бидејќи надлежниот обвинтел оценил дека со одлуката донесена од Основниот суд погрешно е утврдена фактичката состојба во случајот и дека Кежаровски не ги исполнува услови за условен отпуст.

Кежаровски беше осуден на четири ипол години затвор за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“, во кој беа товарени лица за нарачано убиство на старец од истоименото велешко село.

Апелацискиот суд на Кежаровски му ја намали казната затвор на две години. Со оглед на тоа што на новинарот му се сметаше времето поминато во притвор, му остануваа уште помалку од четири месеци затвор од казната.

По одлуката Кежаровски беше спроведен на издржување на казната во затвор, но беше ослободен поради влошената здравствена состојба. Тој беше ослободен токму на денот кога се одржа протест против неговата казна.