Велешани денеска излегоа на протест под мотото „Секое наше дете е Тамара“, за да им покажат црвен картон на здравствените власти. Насобраните граѓани во Младинскиот парк во Велес се револтирани од, како што велат, неажурноста и неодговорноста на здравствените власти, во случајот на 9-годишната Тамара Димовска, која почина и не ја дочека операцијата на 'рбет на државна сметка поради одолговлекувањето да се одобрат пари за операција. Протестот почна со едноминутно молчење за малата Тамара.
Велешани порачаа дека детскиот живот нема цена и со црвените картони во рацете побараа оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, од заменик министерот, Јовица Андонов, од директорката на Фондот за здравство,Маја Прнаџиева Змејковска и вториот директор, Џемали Мехази, од Аспазија Софијанова - заменик претседателка на лекарската комисија чиј потпис стои на решението со кое се одбива барањето за операцијата на Тамара во странство.
Протестот го организираа граѓански активисти кои го најавија настанот на социјалната мрежа Фејсбук каде напишаа: „Тамара е секое дете. Дојдете и на мирен начин да покажеме дека знаеме кој е виновен за смртта на нашата Тамара! Да порачаме дека за детскиот живот нема преголема цена. Која Тамара е следна?“