Претседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев денеска објави нови, како што вели, докази за криминал и злоупотреби на власта. На прес-конференцијата во партиското седиште, тој објави пет телефонски разговори, прислушувани од, како што рече, „братучедската двојка Груевски-Мијалков“, на кои се покажува спрегата меѓу владата и судството.
Првиот разговор, кој го емитуваше Заев, е меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за правда Михајло Маневски, на кој, според СДСМ, тие зборуваат за членка на Републичкиот судски совет.
Вториот емитуван разговор, според Заев, е доказ дека директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков и тогашниот вицепремиер за спроведување на Рамковнииот договор Муса Џафери договараат избор на претседател на Врховниот суд.
Третиот разговор, како што рече Заев, меѓу министерката Јанкулоска и министерот за финансии Зоран Ставрески, го покажува влијанието врз тогашниот основен јавен обвинител во скопското обвинителство, а сегашен Јавен обвинител, Марко Зврлески, за отфрлање на кривична пријава против Ставрески.
На четвртиот разговор, Јанкулоска, според Заев, се консултира со прилепскиот градоначалник Марјан Ристески за унапредување на судија од прилепскиот суд во Апелациониот суд во Битола, па го прашува Ристески „дали е наш“.
Петтиот разговор што го емитуваше Заев, според него, е меѓу уредникот на телевизија Сител Драган Павловиќ Латас и апелационата судијка и сопруга на поранешниот министер за правда Михајло Маневски, Филимена Маневска, на која новинарот наводно ургира за три судски постапки во кои тој е вклучен, а кои апелација ги вратила на повторно разгледување.
Овие разговори, според Заев, покажуваат „зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници“ и зошто има прогон врз политичките неистомисленици.