Министерот за здравство, Никола Тодоров, во врска со случајот со малата Тамара од Велес, која почина вчера изутрина чекајќи термин за операцијата на рбетен столб во странство, денеска изјави дека чувствува прилично разочарување и дека искрено жали за тоа што се случило. „Сакам да изразам длабоко сочувство до семејството на малата Тамара“ рече Тодоров, додавајќи дека треба да се истражи целата постапка за добивање средства за операција.
„Она што јас го гледам откако дознав за случајот е дека откако ја замолив директорката да се заложи за случајот, прилично брзо се заврши работата, но она што треба да го видиме е целиот тој период претходно, рече министерот Тодоров.
Во меѓувреме се огласи и Обвинителството, кое најави дека ќе го испитува случајот на Тамара. Од Основното јавно обвинителство, како што наведуваат, „по допрен глас“ оформи предмет за случајот со починатото девојче од Велес, за кој вчера известија медиумите. Обвинителството соопшти дека е назначен надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе започне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта.