Масовна илегална емиграција од Косово

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Секојдневно неколку стотици имигранти пристигнуваат во пограничните населени места во Унгарија, во близина на границата со Србија. Најголемиот дел од нив се од Косово и се надеваат дека ќе најдат подобар живот во западна Европа.

Косовските имигранти кажуваат дека илегално влегуваат во Унгарија, па потоа имаат намера да одат во некоја друга земја од Европската Унија, главно поради сиромаштијата и немањето работа на Косово. Најчестата рута е од Приштина со автобус до Белград, па потоа до Суботица, а оттаму со криумчари преку илегални премини за извесна сума пари по човек. Косоварите, кои во потрага по подобар живот се обидуваат да стигнат во западна Европа, наидуваат на многу проблеми. Кога ќе се одвојат од криумчарите, се оставени сами на себе, да го најдат патот низ шумата, да најдат преноќиште или превоз.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Приштина: распродадени автобуските билети

Според податоците на унгарската амбасада во Приштина, само во јануари, над 10 илјади косовари побарале азил во Унгарија. Некои илегални имигранти успеваат да продолжат кон Австрија или Германија, некои пак завршуваат во затворените прифатни центри и чекаат на депортација. Луѓето кои минуваат низ овие голготи сведочат за тешкотиите, маките и проблемите со кои се соочуваат по пат. Сепак, тоа не ги колеба и многумина други жители на Косово да тргнат по истиот или сличен пат на илегално бегство на Запад.

Од канцеларијата на Европската Унија во Приштина велат дека илегалната миграција може да влијае врз дијалогот за визна либерализација со Косово и оти не е од косовски интерес да се зголемува бројот на баратели на азил. Најголемиот дел барања за азил од жители на Косово се одбиени, па тие мора да се вратат назад, што е нов трошок, па кога ќе се вратат дома се уште посиромашни.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косовски илегални имигранти во Унгарија

Во минатата година Косово го напуштиле 24 илјади луѓе, а од јануари годинава продолжуваат уште помасовно да се исселуваат. Од автобуската станица во Приштина, секојдневно тргнуваат по пет автобуси за Србија, а билетите се распродадени за една недела однапред. Косовските власти сметаат дека евентуална визна либерализација со Европската Унија ќе придонесе за запирање на масовната илегална миграција. Од друга страна, токму проблемот со илегалните мигранти и големиот број баратели на азил, е главна кочница за можната визна либерализација.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Азиланти од Косово на железничка станица во Сегедин

Косово долго време се соочува со висока стапка на невработеност. Од околу 1,2 милиони работо-способни жители, вработени се само околу 300 илјади. 12 отсто од популацијата е екстремно сиромашна, а 217 илјади луѓе живеат со помалку од едно евро дневно.