Министерот за транспорт и врски и шеф на Централниот кризен штаб Миле Јанакиески, повика на итна евакуација на сите општини и населени места кои се по течението на реката Брегалница, бидејќи, како што вели, се очекува силен бран, кој ќе дојде од браната. Јанакиески вели дека ситуацијата ја следат будно и се на терен.
Тој го повика и месното население да се вклучи во правењето на насипи, а веќе на терен се припадници на полицијата и војската.
„Браната Калиманци веќе почна да се излева, големиот бран се очекува меѓу 20 и 21 часот. Сите општини што се по течението на реката Брегалница се де факто во вонредна состојба. На денешниот кризен штаб одржан во Општина Штип, ги повикавме сите градоначалници, презедовме сет мерки. Се вклучи максимално и АРМ и МВР, но неопходно е да се вклучи и месното население“, нагласи Јанакиевски.
Според него, со прелевањето на браната во моментов од Калиманци кон 20 населени места по течението на реката Бреагалница доаѓаат 270м/3 вода во секунда.
Јанакиевски информира дека со поплави зафатени се и општините Нова и Кумановскиот регион, но најголемиот удар и проблеми, како што рече тој, се очекува во вечерните часови во штипскиот регион.
Во Кичево целиот град е без напојување со електрична енергија. Причинети се повеќекратни дефекти во високонапонската мрежа. Од она што го видов на терен и од разговорите со раководните луѓе на ЕВН и МЕПСО можам да кажам дека во моментот се презема се што е потребно за нормализирање на ситуацијата, истакна вицепремиерот Владимир Пешевски, кој заедно со генералниот директор на АД МЕПСО Синиша Спасов денеска го посетија кичевскиот регион, кој е погоден од обилните врнежи.
Пешевски најави дека во наредните два дена ќе настапи санирање на главниот дефект на далекуводот од Кичево до Осломеј.
Инаку, Кичево и околните села без електрична енергија се од раните утрински часови.
Сообраќајот на патниот правец Маврово - Дебар кај манастирот Свети Јован Бигорски, поради лавина, беше во целосен прекин. Попладнево, како што соопшти АМСМ, е исчистена една коловозна лента и се работи на целосно расчистување.Превентивно се затвора и сообраќајот на патниот правец Штип – Ново Село, поради излевање на реката Брегалница.
Поради поголеми одрони на патот Кочани - Македонска Каменица од с.Истибања до брана Калиманци, сообраќајот наместа се одвива по една коловозна лента и на возачите им се препорачува внимателно управување со возилата.
Министерството за здравство упатува препораки за користење на водата за пиење во подрачјата кои се поплавени, со цел превенција и заштита од ширење заразни болести.
„Доколку користат вода од приватен бунар или други приватни водоснабдителни системи кои не се под контрола на јавно претпријатие, жителите на поплавените населени места во овие подрачја треба да ја превриваат водата пред да ја користат за пиење.
Овие препораки треба да се почитуваат и во други населени места кои евентуално биле поплавени“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Според добиените информации од Центарот за управување со кризи, поплавени се населени места Просениково и Дабиле (општина Струмица), Босилово, Карбинци (општина Штип), Чешиново, Облешево, Чифлик и Уларци (општина Чешиново-Облешево), Мачево, Будинарци, Ратевска река (општина Берово), Ношпал, Вешерејца, Тополчани (општина Могила), повеќе населени места по течението на Црна Река во Прилепско, Покрвеник, Прељубле, Дрмени, Езерани, Долна Бела Црква (општина Ресен), Ерџелија (општина Свети Николе), Мислешево, Мороишта, населба Езерски Лозја (општина Струга).