Во врска со презентираните информации за сомненија за обид за државен удар, Демократскиот сојуз (ДС) укажува на потребата Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судот, да работат јавно и транспарентно и да ги објават сите релевантни докази и факти врз основа на кои се темели судската постапка против четири лица, меѓу кои и претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
За ДС е крајно неодговорно и неприфатливо да се користат уцени и закани во политичката борба.
„Се работи за тешки обвинувања, поради што инсистираме судот да покаже висок степен на резистентност и да не потпаѓа под какви било влијанија и притисоци. Овој случај може да се разреши само со целосно почитување на владеење на правото“, стои во денешното соопштение од ДС.
Демократскиот сојуз инсистира на целосно расчистување на сите аспекти во врска со сомненијата за насилство спрема претставници на највисоките државни органи како и шпионажа, со цел да не се заоструваат и ескалираат политичките состојби, меѓусебните обвинувања и поделби.
Демократскиот сојуз го повикува СДСМ да ги објави сите информации кои подолго време ги најавува.