Лидерот на СДСМ Зоран Заев е еден од четирите лица осомничени во полициска акција „Пуч“, соопшти МВР. Со акцијата е спречен обид за загрозување на уставниот поредок и недемократско преземање на власта, велат од МВР, објави МИА. Во акцијата првосомничен е екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски. Него полицијата го терети за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак се товари дека на средби со премиерот Никола Груевски му се заканувал со докази против него. Извор на информации на Заев му бил Верушевски, вели полицијата.
„Четвртопријавениот остварил повеќе лични средби и телефонски комуникации со претседателот на Владата на РМ, на 28 септември 2014, на 9 и 31 октомври 2014 и на 17 ноември 2014 година. На средбите и комуникациите пријавениот на претседателот на Владата на РМ јасно и децидно му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни службени и државнички функции во РМ. Заканата ја конкретизирал со тоа што од него како претседател на Владата на РМ и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ побарал да ги прифати неговите барања за формирање „техничка влада“, а потоа да се распишат предвремени избори за пратеници во Собранието на РМ. За возврат пријавениот ветувал дека нема јавно да ги објави податоците“, рече помошник министерот во МВР Иво Котески.
Покрај Верушевски и Заев осомничени во акцијата се и сопругата на Верушевски и вработен во општина Струмица.