ХРВ: владите да не ги игнорираат човековите права

Хјуман рајтс воч во најновиот годишен извештај предупредува дека многу влади во светот прават голема грешка поради тоа што ги игнорираат човековите права за да се справат со безбедносните предизвици. Во денеска објавениот „Светски извештај 2015“ се прави преглед на човековите права во над 90 земји во светот од крајот на 2013 до ноември лани. Извршниот директор на Хјуман рајтс воч, Кенет Рот оценува дека минатата година била особено бурна. Тој ги наведува конфликтите до кои дојде по востанијата во таканаречената Арапска пролет, злосторствата извршени од исламските екстремисти и тензиите од типот на Студената војна околу украинската криза. „Клучно за решавање на овие кризи е почитување на човековите права и осигурување демократска одговорност“, наведува Рот.