ИВЗ: Казни и ресоцијализација на оние што се борат во странство

Поглаварот на ИВЗ до сите државни институции и меѓународни претставници испратил програма за ресоцијализација, која преставува дополнување на она што се предвидува со законот.

Исламската верска заедница веднаш ги поддржа измените на Кривичниот законик според кои одењето во туѓи војни се казнува со затвор, вели Рејс Ул Улема Сулејман Хаџи Реџепи. Тој објаснува дека нивниот план за ресоцијализација кој вчера и го презентираше на француската амбасадорка Лоренс Оер, а во меѓувреме го испратиле до сите државни институции и меѓународни претставници од кои чекаат поддршка всушност преставува дополнување на она што се предвидува со законот.

Ние сме спремни со таа наша програма да дејствуваме со една племенита цел, со една надеж нешто да направиме на тој план.
Рејс Ул Улема Сулејман Хаџи Реџепи.

Поконкретно, ИВЗ предлага тие да работат на превенција и одвраќање на македонските граѓани од учество во воени конфликт, ресоцијализација на семејствата чии деца се заминати и промоција на исламот како миротворна религија. Оние пак кои веќе биле во туѓа војна, според Реџепи треба да одговараат според законот, но со нив мора и да се работи оти тие како што додава поглаварот се трауматизирани.

„Во сите европски земји ние имаме наши поставени имами во Европа, тие не работат само со луѓето во џамиите, во центрите, тие работат и во затворите, што значи ние сме спремни со таа наша програма да дејствуваме со една племенита цел, со една надеж нешто да направиме на тој план“, вели Хаџи Реџепи.

Би било контрадикторно со законските регулативи на Република Македонија на Исламската верска заедница да и се овозможи некој посебен третман и таа да учествува во воспитно-поправниот процес во затворите.
Благоја Марковски, политички аналитичар.

Според аналитичарот Благоја Марковски, сепак, најголемата работа што Исламската верска заедница треба да ја врши е во превенцијата, односно да се работи тие луѓе да не заминуваат во туѓи битки. Што се однесува до идејата ИВЗ да се вклучи и во ресоцијализацијата во затворите Марковски вели дека тоа се коси со законите.

„Затворите покрај тоа што се објекти каде што се издржува казната, истовремено се и воспитно поправни институции кадешто се вклучени стручни органи во ресоцијализацијата, оттука би било контрадикторно со законските регулативи на Република Македонија на Исламската верска заедница да и се овозможи некој посебен третман и таа да учествува во воспитно-поправниот процес во затворите“, вели Марковски.

Претседателот на Евроатланскиот совет на Македонија Исмет Рамадани смета дека е добро што ваков план произлегува од ИВЗ бидејќи тие биле компетентни да зборуваат за тоа колку се погрешни постапките на луѓето кои се одлучуваат на такви чекори.

„Мислам дека се определиле за еден помек начин во приодот кон нив и да ги убедат дека сепак тоа не е нивна војна и дека воопшто нема врска со изворниот и традиционалниот ислам во Република Македонија“, вели Рамадани.

Измените на кривичниот законик беа донесени во септември лани и со нив покрај казна затвор за оние што отишле на туѓи боишта, иста санкција се предвидува и за оние кои организираат, регрутираат, превезуваат, обучуваат или на друг начин подготвува лице или група за учество во туѓи војни.