Орав изразува загриженост од уставните измени

Евро-амбасадорот во Македонија, Аиво Орав, во денешната писмена изјава предупредува на некои клучни проблеми во врска со уставните измени што се во собраниска процедура. Во изјавата се наведува:

„Како што веќе соопштија од канцаларијата во Брисел, и Венецијанската комисија, и Европската комисија подвлекоа дека уставни измени кои имаат волку важна природа бараат широк политички и општествен консенсус. И покрај процесот на консултации кој зема место, вклучувајќи ги и меѓународните организации, забележуваме дека овие уставни измени минуваат низ собраниска постапка во време кога најголемата опозициска партија го бојкотира собранието. Важно е уставните измени да дојдат како резултат на широка и издржана дебата која ќе вклучи различни политички сили.

Во однос на содржината, Венецијанската комисија издаде мислење во кое нагласува важни прашања од аспект на Европската конвенција за човекови права. Европската комисија ги проценува сите уставни или други правни измени од аспект на нивната компатибилност со законите и политиките на ЕУ. Во овој контекст, загриженоста на Комисијата, која и ја предочи на владата, е дека сите измени мора да го имаат предвид ставовите на ЕУ и меѓународните правила, вклучувајќи ги и финансиските услуги, фискалната транспарентност, конкуренцијата, борбата против перењето пари и избегнувањето на даноците. Затоа, нацрт уставните амандмани треба да бидат проценети во контекст на севкупното законодавство кое обезбедува имплементација, посебно во однос на предложениот амандман за финансиските зони“, се истакнува во писмената изјава на евро-амбасадорот Аиво Орав.