„Неки нови клинци“

Адмир Фазлагиќ, новинар.

Уште од средината на месецот ноември, па се досега имавме циклус на протести поради повеќе причини. Најпрвин, ледот го скршија студентите,
поради намерата на Владата да воведе екстерно тестирање, за што студентите протестираа во три наврати. Потоа протестираа граѓаните на Тетово и Битола, поради загадувањето на воздухот, се протестираше и поради новиот закон за хонорарците, со кој ќе мора да издвојат 35 проценти од својот хонорар за да ги платат придонесите, а да не го заборавиме протестот против пресудата затвор за колегата новинар Томислав Кежаровски.

Тие, студентите, генераторите на општествените промени, својата улога ја превземаат свесно, разбирајќи ја сериозноста на многубројните проблеми кои почнуваат да ги засегаат сите граѓани во оваа држава, покажувајќи ја својата наклонетост кон граѓанскиот активизам со учество во граѓанските иницијативи, преку кои децидно и во континуитет ги детектираат проблемите, даваат одговори и идеи како понатаму. Но, за жал, не ги слуша никој.

И забележувате, главниот збор во целиот пасус ми е „протести“ !!!
Зошто протести?

Во недостаток од функционални институции, услови за достоен живот, како што велат граѓаните, неодговорно однесување на властите, при тоа додавајќи уште еден важен момент- отсуство на опозициските пратеници во законодавниот дом, што дополнително укажува на актуелната состојба на политичката сцена.


И најверојатно, така ќе биде и во наредниов период, судејќи според сегашните околности и предвидувањата за она што би требало да следува.
Анализирајќи го однесувањето на младите, кои стануваат се повеќе свесни и загрижени за општествено-политичката и економската состојба, не можам а да не ја издвојам и потенцирам културата на однесување на овие млади луѓе кои не отстапуваат од своите намери. Велат дека на граѓаните им е всаден страв, долго време имаме високо ниво на апатија и политичка апстиненција, но ништо помалку и етикетирана по сите основи.

За секоја пофалба се јавните настапи на студентите, кои се изразуваат и однесуваат како вистински интелектуалци. Тие јасно укажаа на сите недостатоци на намерата на Владата за воведување на државниот испит, со кој Владата смета дека ќе се подобри квалитетот на образованието. Студентите постојано укажуваа, потенцираа и сугерираа дека проблемите во образованието се многубројни почнувајќи од самиот статус на македонскиот студент, до условите за студирање, студентските домови, достапната литература, овозможување на услови за истражување за да после процесот на студирање, дипломираните студенти можат да одговорат на барањата на пазарот на трудот и да бидат способни да ги извршуваат работните задачи. Наспроти конструктивните забелешки на студентите, законот беше изгласан. Но, студентите најавија дека тука не е крајот на битката. Тие и понатаму ќе продолжат да се борат за својата кауза, за своите права, за своето подобро утре.

Тие, студентите, генераторите на општествените промени, својата улога ја превземаат свесно, разбирајќи ја сериозноста на многубројните проблеми кои почнуваат да ги засегаат сите граѓани во оваа држава, покажувајќи ја својата наклонетост кон граѓанскиот активизам со учество во граѓанските иницијативи, преку кои децидно и во континуитет ги детектираат проблемите, даваат одговори и идеи како понатаму. Но, за жал, не ги слуша никој. Не затоа што не може, туку затоа што не сака. Ниедна власт не сака паметна, туку послушна младина која ќе го глорифицира на ниво на безгрешност сето она што ќе дојде од кујната на нивната партија, без разлика за која партија се работи. Разбирливо, ова не се партиски полтрони, ова се млади луѓе со идеи, креативна, авангардна и напредна младина која е спремна да ја плати цената на слободата без оглед на нејзината висина, бидејќи тие знаат дека нема пари со кои може да се купи слободата на мисла,а со тоа и човечкото достоинство. Затоа, при протестирање , можете да слушнете прогресивни пораки и мудри мисли, модерна музика која Ве повикува на размислување и поттикнува акција.

Ниедна власт не сака паметна, туку послушна младина која ќе го глорифицира на ниво на безгрешност сето она што ќе дојде од кујната на нивната партија, без разлика за која партија се работи.

Во нивните акции е застапен и хуморот како неизоставен дел од нашето секојдневие, бидејќи ова што го живееме „да не е тажно, би било смешно“ , бидејќи со хуморот се победува негативната енергија акумулирана со години наназад. Впрочем, протестирањето стана нашето секојдневие. Не поминува многу од протест до протест. На народот му станува совршено јасно дека за себе мора да се бори сам, од себе, за себе! Затоа, не случајно низ улиците на градовите гледаме,а и ќе гледаме реки на луѓе, кои тешко дека ќе може нешто да ги сопре.

Упатената чаршија зборува за овој нов феномен на „протест дружење “,граѓаните се дружат на протестите, разговараат меѓусебно за своите проблеми, за можностите за надминување на истите, за нашето подобро утре. Се запознаваат едни со други, се договараат за следните активности и се надеваат дека ќе дојдат подобри дни, само доколку бидат трпеливи и решителни во своите намери.

Очигледно, ова масовно автентично движење на студентите знае што сака и знае како да го анимира народот. Ова е нова младина, свесна за своите квалитети и способности, ова се „неки нови клинци“ кои немаат намера да се борат за партиските интереси, ниту да играат онака како некој друг им свири . Имено, ова се оние клинци на Балашевиќ чие време дојде и допрва доаѓа. Сега тие имаат збор. Слушнете ги. Имаат што да Ви кажат.