Презентација на „Креативен викенд“ во берлинскиот Прима центар

По претставувањата во Скопје, Белград, холандскиот Уден и Париз, а во пресрет на мартовското во Мадрид, на 23 јануари, во галеријата ПРИМА ЦЕНТАР во Берлин, ќе се случи годишната презентација на четвртата сезона на „Креативни викенди“, проектот кој се одржува во Лазарополе, а чија примарна цел е вмрежување на македонските културни и уметнички сцени.

Овој петок, во галеријата на берлинскиот ПРИМА ЦЕНТАР, планирано е да се случи годишната презентација на четвртата сезона на „Креативни викенди“, проектот кој се одржува во Лазарополе, а чија примарна цел е вмрежување на македонските културни и уметнички сцени. На настанот, координаторите Јован Ламбески и Тони Димитров ќе го објаснат концептот на проектот, а покрај презентација на минатите изданија и претставување на идеите за следните работилници, публиката ќе има прилика да погледне и фотографии, цртежи, видеа, слики, да слушне поезија, кои се резултат на претходните изданија на креативните викенди.

Она што е за нас најзначајно и кон кое што се стремиме е да привлечеме артисти од локалната, поточно од берлинската сцена, доколку воопшто може да се каже „локална“ бидејќи во моментов Берлин е центарот на современата глобална уметничка сцена.
Тони Димитров, координатор на настанот.

Тони Димитров, во пресрет на патувањето во Берлин, појаснува дека како и на претставувањата во Белград, холандскиот Уден и Париз, тие ќе го изложат генералниот концепт на проектот и дека ќе се обидат да привлечат артисти од локалната, поточно од тамошната силна берлинска уметничка сцена.

„Она што е за нас најзначајно и кон кое што се стремиме е да привлечеме артисти од локалната, поточно од берлинската сцена, доколку воопшто може да се каже „локална“ бидејќи во моментов Берлин е центарот на современата глобална уметничка сцена. Наша интенција е да заинтригираме такви креативци кои би зеле учество во некое од понатамошните изданија на Креативен викенд“, вели Димитров.

Имаме средби со неколкумина навистина интересни претставници на берлинската електронска сцена. Сакаме да воспоставиме комуникација со нив и ќе се трудиме да ги доведеме да настапат во Скопје и во Лазарополе. Можам да ви кажам и тоа дека е договорено доаѓањето и перформансот на Френк Ничнејбер за ова лето 2015-то.
Тони Димитров, координатор на настанот.

Тој појаснува дека покрај презентацијата на проектот во Галеријата ќе ја претстави и звучната инсталација „Страв од музика“ снимена во Лазарополе. Делото поставува едно клучно прашање во современата уметност и ја опсервира релацијата помеѓу уметноста (или она што го нарекуваме fine art) и/или звукот (звучната уметност).

„Современата уметност е масовен феномен, меѓутоа, додека пошироката јавност нема проблеми со прифаќањето на авангардната и експерименталната уметност, сепак, постои масовен отпор кон авангардната и експерименталната музика, иако и двете се појавени во исто време и под слични околности - и покрај фактот што музичарите и уметниците прават постојани обиди да се воспостави синестезија помеѓу двата медиуми“, истакнува авторот.

Димитров престојот во Берлин ќе го искористи да заврши уште еден аудио-проект и да го посети големиот „Трансмедијале“, за кој вели дека е најзначајниот фестивал кој се однесува на современата уметност и актуелниот електронски звук.

„Имаме средби со неколкумина навистина интересни претставници на берлинската електронска сцена. Сакаме да воспоставиме комуникација со нив и ќе се трудиме да ги доведеме да настапат во Скопје и во Лазарополе. Можам да ви кажам и тоа дека е договорено доаѓањето и перформансот на Френк Бретшнејдер за ова лето 2015-то“, вели тој.

Инаку, проектот „Креативен викенд“ е серијал работилници кој се одржува во изминативе две години и им е наменет на млади креативци или уметници, поети или книжевници, звучни уметници или уживатели на визуелното, дизајнери или цртачи, скулптори или вљубеници во изведувачките уметности, теоретичари или едноставно консументи на креативните резултати, кој се заинтересирани за креативноста, уметноста, активизмот и природата. Работилниците се одржуваат во текот на еден викенд, секој месец, во селото Лазарополе и на сесиите учесниците прво имаат можност теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и преку практична работа, преку поединечни и групни настапи на отворен простор, тие се запознаваат со концептот на секоја тема/уметност одделно. Целта на овие работилници е низ современи методи на работа учесниците да имаат можност да се запознаат со најновите текови и достигнувања во соодветната област на обработка, како чекор кон креирање на поцврста уметничка заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина. Резултатите од секоја работилница се архивираат, а потоа и се претставуваат на јавноста преку соодветна презентација, концерт или изложба во јавен простор.