Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, го искористи историското прво обраќање пред рускиот парламент да повика на ограничувања на абортусот и на прифаќање на конзервативните вредности. Во обраќањето пред Долниот дом на Руската дума, патријархот рече дека „ужасно високата“ стапка на абортуси е „една од најголемите несреќи на Русија“. Тој ги повика пратениците да забранат бесплатни абортуси во државното здравство и рече дека преполовувањето на бројот на абортуси ќе резултира со „одржлив и моќен демографски раст“. Патријархот Кирил рече дека Русите треба да се придржуваат кон конзервативните религиски вредности во време на „пост-христијанскииот“ и „пост-религиски“ светоглед, кој, според него, го поткопува моралот. Тој рече дека верското образование треба повеќе да се изучува во училиштата и повика на преродба на Козаците.
Рускиот претседател Владимир Путин, кој ја смета црквата за морален браник, рече дека опаѓањето на населението е главен приоритет.