Господин Петар - МПЦ е единствена православна црква во Македонија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Господин Петар - МПЦ е единствена православна црква во Македонија

Македонија ќе има само една црква, тоа е МПЦ и никако друга верска заедница која ќе говори дека е нешто како супститут на МПЦ или паралелна црква на МПЦ. Впрочем, тоа не го дозволува ниту Србија, Бугарија, Албанија или Грција, вели митрополитот преспанско-пелагониски, господин Петар, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Петар, постојано се истакнува преголемата блискот меѓу државата и црквата. Дали ваквиот однос е на штета на авторитетот на црквата?

Државата и црквата отсекогаш имале многу заеднички нешта и во тој контекст заедничките работи што ги имаат и едните и другите, пред сè спомениците на културата, заштитата на населението, угледот и достоинството на општеството, се мисли и на народот, и од тој аспект, од таа гледна точка, тука нема никаков проблем да има соработка, но кога станува за поединостите, за внатрешните работи на црквата и за внатрешните работи на државата, тука не би требало да има мешање од страна на државата во црквата и од страна на црквата во државата.

Во последно време бевме сведоци на свештеници или владици кои се појавуваат во медиумите со одобрување или не на ставовите на одредени политичари или појавување на места каде што имаше протести за или против за градба на одредени објекти. Не мислите ли дека ова е преголемо присуство во медиумите со речник којшто е сличен на политичарите и оттука многумина не го одобруваат ваквото дејствување во јавноста?

Ако се работи за општ интерес, тогаш можеме и ние да си го кажеме својот став. Имено, кога станува збор во општеството дали ние се застапуваме за здраво семејство, кое, според учењето на црквата, го сочинуваат маж и жена кои ги исполнуваат условите, а во меѓувреме во општеството се нуди нешто друго, да има геј бракови итн., ние тогаш сме должни да истапиме и да кажеме дека тоа не е природна работа и дека тоа е спротивно да природниот начин на живеење и во тој контекст имаме право да истапиме и да поддржиме мислења и ставови по тие прашања, но по прашањето за мешањето во внатрешни работи на државата, во смисла ние да вршиме кампањи за избор на некои личности во државата или да преземеме чекори да се мешаме во изборната кампања, тоа не е во ред.

Она што останува главна закана во светот е тероризмот. Дали се интензивира и каква е соработката меѓу МПЦ, ИВЗ, Католичката црква, за превенирање на нетолеранцијата?

Секако дека во тој контекст, како тука во Македонија што имаме комуникација со верските заедници што се присутни на овие простори, истото тоа го правиме и во дијаспората кога е во прашање заштитата на невиното население, заштитата на општеството, заштитата на институциите во државата итн., нормално е и сосема е природно да имаме заедничка комуникација по тие прашања и здружени акции да го заштитиме невиното население, зашто насилството не води кон ништо, освен кон безредие, а и забрането е со црковните закони. Нам Господ Исус Христос ни дал пример, кога дури и Свети Апостол Петар извадил меч за да го заштити Христа кога бил предаден од Јуда, тогаш Господ Исус Христос му рекол да го стави мечот во својата ножница, зашто оној што со меч е мафта, од меч ќе загине.

Сведоци сме дека во име на некакви вредности има насилство меѓу младите луѓе од различни етнички заедници. Има ли активности за да се промовираат поинакви вредности, а не насилството?

Прво треба постарите да им дадат добар пример на соживот и во тој контекст треба да се види и да се посочи добриот пример, зашто такви нешта немало кога ќе се вратиме наназад, особено после Втората светска војна. Во Македонија барем конкретно никогаш не се покажуваше дека има нетрпение на национална или на верска основа. Е сега, како доаѓа сè поголема слобода на луѓето, во смила на печатот, во смисла на медиумите, гледајќи ги филмовите со насилство, децата се на интернет од мали нозе итн., сето тоа остава силни впечатоци на негативно однесување и поддржување на тие современи пороци.

Долгогодишен проблем којшто доби обележје на нерешлив е непризнавањето на автокефалниот статус на МПЦ. Нов момент е дека активно учество ќе земе Руската православна црква која најавува посредништво меѓу Македонската и Српската православна црква за надминување на спорот. Дали и колку во овие релации всушност е инволвирана политиката?

Прво, треба да се знае дека статусот на МПЦ не е работа што сега скоро е настаната, туку тоа е последица на поделбите на нашата татковина, на Македонија, која се знае дека по балканските војни и по Првата светска војна, вклучувајќи ја конечно и Втората светска војна, комплетното тело на Македонија беше на некој начин разделено на најмалку четири дела, егејскиот, пиринскиот, дел во Албанија и дел во Србија со манастирот Свети Прохор Пчињски. Тогаш, во тие времиња на војни, на овие простори во Македонија имаше јурисдикција на соседните цркви, на српската, бугарската, грчката, односно Цариградската патријаршија, па и Албанската црква во Втората светска војна, што значи последиците од тоа се ова што сега го трпиме, а тоа е всушност непризнавањето на МПЦ, за која ние сега моментално зборуваме само за простор на територијата на Република Македонија, без да се мешаме длабоко во другите делови на Македонија што сега се под Грција, Албанија, Бугарија и Србија, затоа што не сакаме ни тие да се мешаат во нашиот дел за да наметнуваат јурисдикција на туѓа територија, но барајќи ги правата на нашите луѓе во тие земји да им се проповеда на својот мајчин јазик, да имаат свештени лица од својот род итн. Мислам дека решавањето на статусот на Македонската православна црква може да се реши со посредништво на некоја друга црква, во конкретниов случај како што нагласивте Руската православна црква, зашто од досегашното искуство што го имаме се гледа дека Српската православна црква не покажа ни доволно интерес, ниту, пак, соодветна љубов за надминување на овој спор, сметајќи во некое кругови во врвот на СПЦ дека овие простори кои некогаш ѝ припаѓале на Србија треба повторно да се случи да припаднат таму и мислам дека тоа е последната нивна идеја што не сакаат да дозволат да ѝ се даде јурисдикција на МПЦ како самостојна црква, односно да се реши нејзиниот статус како што се статусите на другите цркви во опкружувањето во соседството.

Непосредно пред истекувањето на рокот за ослободување на Вранишковски, се отворија многу дилеми дека е направен некаков договор. Дали Вранишковски е дел од некаков договор ние да го ослободиме Вранишковски, а тие да го признаат статусот на МПЦ?

Јас не мислам дека станува збор за некаков договор, но знаеме дека тоа беше товар за општеството, товар и за МПЦ, зашто постојано бевме напаѓани и ние како црква и државата како држава дека тој е еден вид политички затвореник без да има некаква вина. Вистината е сосема поинаква, судовите се независни и во Македонија, како и во другите држави и тука нема дилема дека тој е во затвор поради обвиненија кои се докажани, но од друга страна нашата желба беше да не се нанесува поголема штета и на црквата и на општеството во Македонија, обвинувајќи нè дека е извршен на некој начин политички линч врз споменатиот човек и дека тој лежи во затвор невин. Очигледно дека со ова ние како црква покажуваме милост кон една личност, под услов тој да престане да врши напади и да се однесува неодговорно кон црквата и да ја клевети. Тој беше една личност додека беше во самата македонска црква, сега се појави како сосема спротивна личност од она што го промовираше, кажуваше и проповедаше додека беше дел од МПЦ.

Дали е воопшто реално прашањето за автокефалноста за МПЦ да го решаваат црквите кога прашањето со автокефалноста е поврзано со прашањето за името на државата?

Црквите го решавале статусот на автокефалноста, макар што во нашиот контекст не треба тоа така да се гледа како во случај на новоформирани цркви. Ние сме црква која на овие македонски простори постои уште од времето на светите апостоли, уште од времето на Свети Апостол Павле. Мошне јасно е дека тука проповедал уште Апостол Павле и оттогаш постои христијанската, па и православна црква континуирано преку сите тие институции, Охридската архиепископија, а ние, македонската црква, сме всушност обновена Охридска архиепископија со име Македонска православна црква и сега имаат право да помогнат во разрешувањето на статусот и државата и другите исто така повикани фактори, а тоа се помесните православни цркви, кога особено ќе се најде некој тежок проблем за решавање на тоа прашање, а во конкретниот случај не се работи за некој тежок проблем, освен немањето желба да се даде она што ѝ припаѓа на нашата црква низ вековите од една страна и друго, поради тоа што сè уште ретроградно се гледа на нашиот случај со тенденции и желба на некои националистички кругови, кои сакаат да се вратат на овие наши простори соништата од минатото.

Каква ќе биде судбината на ПОА по ослободувањето на Вранишковски, дали таа ќе биде легализирана?

ПОА не може да биде црква во Македонија, ни според државниот, ни според црковниот устав. Единствена православна црква во Македонија е МПЦ, како правно лице. Дури и на епархиите и црковните општини, кои беа регистрирани како правни лица во Македонија, им се одзеде тоа право, така што овде во Македонија ќе има само една црква, тоа е МПЦ и никако друга верска заедница која ќе говори дека е нешто како супститут на МПЦ или паралелна црква на МПЦ. Впрочем, тоа не го дозволува ниту српската црква, односно Србија, тоа не го дозволува ниту бугарската црква, не го дозволува во својата држава ниту албанската, ниту грчката црква. Ако не можеме ние да регистрираме Македонска православна црква во Србија, Бугарија, Албанија, Косово и во Грција, тогаш како би било и што би значело тоа да се регистрира овде некоја паралелна црква, пред скоро време слушнавме и некоја албанска црква, утре ќе се бара нормално и бугарска црква, па грчка, па српска, па влашка итн., и тогаш овде ќе дојде една ситуација, простете на израз, на каша-попара.