Продолжува серијалот „Дистописки визии“ во АКСЦ

Со прикажувањето на документарецот „Пропаганда“ на Славко Мартинов од 2012 година, приказна за глобализацијата и симулакрумот во кој живееме, овој четврток, во Автономно културно социјален центар во Скопје, продолжи серијалот филмски вечери „Дистописки визии“. Како и во текот на изминатата година, во периодов што следува ќе бидат претставени неколку возбудливи некомерцијални или недоволно познати играни и документарни филмови со критичка содржина проследени со дискусија или предавања.

По кратката празнична оддишка во Автономно културно социјален центар од Скопје се случи 12-то издание од серијалот „Дистописки визии“. Се работи за филмски вечери на кои се говори за дистопијата, антиутопијата или негативната утопија, како литературен или филмски жанр, и во чии рамки се прикажуваат возбудливи некомерцијални или недоволно познати играни и документарни филмови со критичка содржина.

Целата оваа навидум измислена и конструирана дистописка слика за иднината, претставена во овие филмови, во која се мешаат технологијата, науката, непознатите светови, непознатото, ескапизмот, оптимизмот и песимизмот, постоечкото и непостоечкото, покрај предвидувањето на иднината, може да се каже дека всушност е и анализа и критика на сегашната состојба на човештвото и општеството.
Тони Димитров.

Актуелниот циклус своето продолжение го имаше со „Пропаганда“, документарецот на Славко Мартинов од 2012 година, дело во кое без ракавици се говори за светот во кој живееме. За широкиот спектар аспекти на западната пропаганда, убедувањето, манипулацијата, визуелната и консументската култура. Филмот нуди сторија за лажираната реалност, за она што некритички го голтаме ...и се така до конечното бришење на културниот диверзитет.

Потписниците на серијалот велат дека преку овој концепт тие се обидуваат да ја дефинираат дистопијата како научно фантастичен жанр кој секогаш опишува ужасни општества, иако на прв поглед може да изгледаат пријатни и да дадат преглед на клучните (филмски или литературни) дела на овој жанр, проследени со дискусија и разговор. Дополнуваат дека сакаат да проговорат за утопијата, да претстават портрет на замислено општество во литературата од кој дистопијата произлегува како нејзина негација, а исто така да понудат преглед на некои битни претставници на жанрот.

Од друг страна, нивната интенција е да го отсликаат современото општество и да направат паралела помеѓу него и негативната утопија, како проекција за идното општество кое денес се реализира во стварноста. Всушност да се обидат да најдат одговор на прашањето дали има решение за песимистичката дистописка визија за иднината односно. за современото општество.

„Целата оваа навидум измислена и конструирана дистописка слика за иднината, претставена во овие филмови, во која се мешаат технологијата, науката, непознатите светови, непознатото, ескапизмот, оптимизмот и песимизмот, постоечкото и непостоечкото, покрај предвидувањето на иднината, може да се каже дека всушност е и анализа и критика на сегашната состојба на човештвото и општеството. Не ја предвидува само просто иднината, туку дава и алтернативни патишта по кои човештвото и општеството во таа иднина би се развивале. Предвидувања кои не се однесуваат само на идните можни општества, туку и на оспорување, критика и спротиставување на моменталната ситуација на општествениот живот кој се случува во времето во кое оваа слика е создадена. Кршење на рамките на таа навидум завршена слика која има тенденции да го затвори човекот и креирање визија за поубав свет во кој може да се живее подобро и почовечно“, забележува Тони Димитров.

Тој дополнува дека делата од серијалот со својата антиципирачка моќ, со помала или поголема прецизност ја доближиле иднината до времето во кое биле напишани и дека опишале што би можело да се случи во иднина или поточно, тоа што се случува денес. Потенцира дека голем дел од овие предвидувања, современото општество, преку технолошкиот развој сигурно и евидентно ги остварува, со целата своја огромна лепеза на репресивни апарати, ограничена слобода, механизми на контрола, присмотра, цензури...

„Постојаниот страв со кој човекот е обземен, пренаселеноста, социјалната нестабилност, економската несигурност, неизвесноста, централизацијата и контролата на власта, пропагандата и масовните медиуми, слободата прикриена преку глобализацијата, масовното производство, заканата од еколошка катастрофа или светска војна, владеењето на корпорациите... се карактеристиките преку кој современото општество денес се изразува, предизвикани од пребрзиот технолошки развој, трката за наоружување и неправилната употреба на науката.“

Инаку, досега беа прикажани филмовите „Soylent Green“ (1973), „They Live“ (1988), „Fahrenheit 451“ (1966), „Into Eternity: A Film for the Future“ (2010), „Battle Royale“ (2000), „Brave new world“ (1998), „Idiocracy“ (2006), „Symbol“ (2009), клучниот „1984“ (1956), „Branded“ (2012) и „Earthlings“ (2005), а по наградуваниот „Propaganda“, серијалот „Дистописки визии“ продолжува со дела како драмата „The east“ на Зал Батманџи, „The zero theorem“ на Тери Гилијам ( 2013) и „Equilibrium“ на Курт Вимер од 2002 година.