Светот е шокиран од терористичкиот акт во Париз во кој најмалку 12 луѓе, меѓу кои двајца полицајци и најмалку четворица новинари, беа убиени вчера во канцелариите на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо во Париз.
И денеска во јужен Париз имаше напад. Француската полицијата соопшти дека една полицајка почина откако беше застрелана во предградието. При овој напад е рането уште едно лице службеник на градските власти. Напаѓачот носел панцир и стрелал од автоматско оружје.
Францускиот министер за внатрешни работи изјавил дека напаѓачот е во бегство, а засега не е познато дали и овој напад е поврзан со вчерашниот.
Денеска напладне во Франција, со минута молчење им беше оддадена почит на убиените во вчерашниот напад во Париз. Неколкумина осомничени се уапсени, а терористичкиот чин ги зголеми тензиите во земјата со голема муслиманска популација.
Полицијата трага по Шериф Куачи, кој бил суден во 2008-ма за вмешаност во испраќање борци во Ирак, како и по неговиот брат Саид. Властите велат дека се вооружени и опасни. Француската полиција, го подигна нивото на готовност и врши истраги во неколку градови. Францускиот премиер Мануел Валс, по денешниот состанок во Елисејската палата, изјави:
„Имаме план за безбедност, работиме со нашите колеги од политичката сфера за да го гарантираме националното единство. Ја разбираме загриженоста на јавноста и интензивно ќе ја следиме ситуацијата.“
Во Елисејската Палата денеска се состанаа и поранешниот и сегашниот претседател на Франција, Никола Саркози и Франсоа Оланд. По средбата, Саркози изјави:
„Ова е прашање на цивилизацијата и бара цивилизирани луѓе, без оглед на нивната вера, да се обединат против овој фанатичен варваризам. На цивилизацијата и е објавена војна, па одговорност на цивилизацијата е да се брани и тоа е она што решивме да го правиме.“
Главните француски муслимански организации денеска ги повикаа сите имами во земјата, за време на утрешната петочна молитва во сите џамии, да ги осудат насилството и тероризмот. Муслиманските организации во Франција изразија шокираност и го осудија вчерашниот напад во Париз.