Најмалку 11 убиени во напад врз француски сатиричен магазин

Најмалку 11 луѓе, меѓу кои двајца полицајци и еден новинар, се убиени во денешниот напад врз канцелариите на францускиот сатиричен магазин Шарли Ебду во Париз, соопшти француската полиција. Во нападот има и 10 ранети, а некои од нив се во критична состојба.

Весникот постојано добива закани поради објавувањето карикатури на пророкот Мухамед.

Претседателот Франсоа Оланд, кој пристигна на местото на настанот, изјави дека нападот е „терористички акт“. Тој наводно за денеска свикал итна владина седница.

Новинската агенција Асошиејтед прес, повикувајќи се на очевидци, објави дека повеќе вооружени лица биле вклучени во нападот и оти носеле маски.

Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен објави дека имало двајца напаѓачи и оти пукотниците траеле околу 5 минути.

Поранешните простории на весникот Шарли Ебду беа уништени во подметнат пожар во 2011 година, кој веројатно беше мотивиран од посебно издание на магазинот во кое имаше карикатури поврзани со исламот.